Почина режисерот Сашо Панов

27 ноември, 2017 | 14:01 часот | 308 прикажувања |

Денеска во 74 година од животот почина Сашо Панов, режисер во МТВ, сликар, спортист, освојувач на бројни медали во скијање на скијачки купови и наш познат тенисер. По заминувањето во пензија, постојано живее на Попова Шапка во неговата викендичка поради што и ја доби почесната титула „Градоначалник на Попова Шапка“, пренесува СДК.мк

Сашо Панов беше голем вљубеник во Попова Шапка, беше еден од ретките кој во текот на целата година живееше во викенд населбата, беше препознатливо лице на оваа наша планинска убавица. Неуморно се бореше со сите проблеми кои ја засегаа Попова Шапка и со сите сили настојуваше овој наш најпознат зимски туристички центар да ги поврати старата слава и сјај кои некогаш ги имаше.

„Јас сум вљубен во Попова Шапка. Таа ги има најдобрите услови за скијање. Прв пат овде дојдов како дете уште во 1954 година и бев воодушевен од ова место. Од тогаш секоја зима бев овде да се скијам а по пензионирањето овде почнав и да живеам за постојано да бида близу до оваа убавина“, знаеше да каже Сашо Панов.

фото: СДК.мк