Могерини остварила телефонски разговори со српскиот претседател Вучиќ и со косовскиот претседател Тачи

27 март, 2018 | 9:14 часот | 574 прикажувања |

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини,  на Твитер напиша дека телефонски разговарала со српскиот претседател Александар Вучиќ и со косовскиот претседател Хашим Тачи. Таа го осудува тоа што се случи на Косово. Потребно е смирување на ситуацијата и сочувување на дијалогот, напиша Могерини.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека инцидентот што се случи во Косово е провокација, акт на лудило и најтежок кривичен акт, кој приштинските власти го спровеле во Косово. Тој истакна дека Србија ги испочитувала сите процедури, како и дека надлежните институции на Косово биле навреме информирани за посетата на Марко Ѓуриќ и Никола Селаковиќ.

Косовскиот претседател Хашим Тачи рече дека косовската полиција дејствувала во согласност со законите и овластувањата при апсењето на Марко Ѓуриќ. Тој ги повика жителите на Косово на смиреност и рече дека Ѓуриќ нелегално влегол во Косово.

Според Тачи овој случај не треба да претставува закана за дијалозите помеѓу Косово и Србија за добрососедски односи.