Македонија протера руски дипломат, од руската амбасада потегот го оценија како непријателски

26 март, 2018 | 20:59 часот | 2.551 прикажувања |

Македонија ќе протера еден дипломат на Русија од државата поради негова поврзаност со случајот Скрипал. Ова предмалку го соопшти министерството за надворешни работи преку официјално соопштение. Одлуката била донесена по консултации со претставниците на ЕУ и НАТО. Идентитетот на дипломатот засега не е познат.

„Министерството за надворешни работи објавува дека во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, одлучи да протера еден дипломат на Руската Федерација во Република Македонија“, стои во соопштението.

Од МНР појаснуваат дека одлуката да се протера овој дипломат е во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.

„Користењето на воено хемиско оружје е во спротивност со Меѓународното право и тоа влијае на безбедноста на сите земји“, се наведува во соопштението од министерството.

Од амбасадата на Русија во Скопје соопштија дека оваа одлука ја оценуваат како провокација и непријателски чин.

„Македонската влада протера руски дипломат од Скопје. Исклучително непријателски, неоправдан чекор што нема преседан во руско-македонските односи. Одговорноста за последиците од овој потег во целост ќе ги сноси македонската страна“, се наведува во објавата што руската амбасада ја постави на својот официјален твитер налог.

Инаку, денеска САД, Канада, Украина и уште четиринаесет земји-членки на ЕУ најавија протерување руски дипломати. Руското министерство за надворешни работи пак соопшти дека протерувањето на дипломатите е „непријателски чекор“ и најави реципрочен одговор.

Поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија беа отруени со нервен гас во британскиот град Салсбери на почетокот на месецов. Западот ја обвинува Русија дека стои зад нападот, а официјална Москва засега ги отфрла сите обвинувања.