ИНТЕРВЈУ со Мето Колоски, претседател на ОМД: Грција не сака решавање на проблемот со името, Македонија треба да бара прием во ОН под уставното име

27 март, 2018 | 11:04 часот | 1.397 прикажувања |

Грција не сака да го реши проблемот со името. Ако сакаше да го реши, ќе го решеше во 1992-1993 година, а не тогаш да ни става економско ембарго и да ја уназади Македонија економски. Македонскиот народ добро се сеќава колку протести имавме кога се блокираше границата и во деведесеттите, но и пред две-три години.

Ова го изјавува Мето Колоски, претседател на Обединета македонска дијаспора во интервју за Македонија 365.

Тој тврди дека не треба да очекуваме скоро решение на спорот, а неговите сознанија се дека Македонија нема да влезе во НАТО оваа година, од причина што за оваа година Алијансата не предвидела проширување на својот сојуз поради фактот што НАТО има страшни внатрешни проблеми.

Со првиот човек на ОМД разговаравме за актуелниот и тридецениски спор кој Грција го има со уставното име на Македонија, за дипломатската агенда и активноста на Владата, за НАТО интеграциите, но и подлабински за комуникација и односот на Македонија и нејзините власти кон дијаспората, како и за можностите за поврат на дел од нашите иселеници и што треба македонската држава да стори во таа насока.

Македонија 365: Дојдовте во Македонија во еден исклучително динамичен и интересен период, полн со политичи настани, со големи збиднувања, коишто на некој начин може и да ја предодредат судбината на Република Македонија. Во четвртокот грчкиот шеф на дипломатијата Коѕијас за првпат по 12 години слета на скопскиот аеродром, а ден потоа имаше официјална средба со неговиот македонски колега Димитров. На прес конференцијата беа соопштени позициите на двете страни кои подолго време и се познати на јавноста. Кој е вашиот коментар во однос на оваа посета и последните збиднувања околу македонско-грчкиот спор?

– Ви благодарам за можноста за ова интервју и благодарам на Вашиот медиум којшто често ги информира читателите за ставовите на Обединетата македонска дијаспора. Чест ми е во Охрид да бидам со вас, Охрид ми е еден од најомилените градови во Македонија и секојпат кога доаѓам мора да го посетам.

Ставот на ОМД е дека Македонија мора да се повлече од преговорите што се водат во Обединетите нации и дека мора да поднесе резолуција во Генералното собрание за да биде примена не под референца, туку под нејзиното уставно име – Republic of Macedonia, не во латиница (Republika Makedonija), туку на англиски.

Околу посетата на Коѕијас: Македонија зависи од Грција на некој начин, Македонија има став да влезе во НАТО и Европската Унија и Грците гледаат дека се влошува нивната политика со Турција и очигледно гледаат дека спорот мора да има разрешница што побрзо за да може да се фокусираат на нивните побитни прашања. Гледаат и дека Македонците нема сѐ и сешто да прифатат, за жал Владата оди во ситуација каде прави отстапки како промена на името на аеродромот и автопатот кон Грција, ние сметаме дека за автопатот е подобро името „Е-75“ отколку „Пријателство“ кон земја која не ни е пријател.

Македонската влада треба да сфати дека Грција не е чесен и фер играч и во политиката нема фер играчи. Коѕијас доаѓа тука, нивниот став е познат: erga omnes за внатрешна и надворешна употреба, што вклучува промена на нашиот Устав. Истовремено, додека тој е Скопје, нивната група за пријателство во американскиот Конгрес поднесува резолуција во која бара „историски оправдано име“ за нашата држава, бидејќи ставот на таа група е дека „Македонија била и ќе остане грчка“.

Инаку, групата е формирана во 1994 година, брои над 130 конгресмени од вкупно 435 во Конгресот. Тоа е една солидна бројка и ова е првпат во последните шест години да има една поднесено антимакедонска резолуција во Конгресот. Оттука сметам дека Грција не сака да го реши овој проблем. Ако сакаше да го реши, ќе го решеше во 1992-1993 година, а не тогаш да ни става економско ембарго и да ја уназади Македонија економски. Македонскиот народ добро се сеќава колку протести имавме кога се блокираше границата и во деведесеттите, но и пред две-три години.

Македонија 365: Велите дека Грција не сака да го реши проблемот со името. Од друга страна на Македонија ѝ е наметнат еден ултиматум, односно јасно ѝ е ставено до знаење дека за влез во НАТО и отпочнување на преговори со Европската Унија проблемот мора да биде решен. Тоа значи еден поголем меѓународен притисок кон нашата земја да прифати компромис, со цел продолжување по тој евроатлантски пат. Гледате ли таков притисок и кон Грција, со оглед на засилената дипломатска активност и зачестените средби меѓу Димитров и Коѕијас?

– Дефинитивно има притисок и кон Грција и кон Македонија. Кај нас се гледа почесто оти сме помала земја и повисок е приоритетот за Македонија, отколку за Грција, бидејќи Грција не зависи од решавање на оваа проблематика. Но тие зависат во август за новата рунда разговори со ММФ, Светска банка и ЕУ за средствата што ги добиваат за покривање на нивниот долг. Така да, Ципрас е доведен во момент, кајшто мора да гради повеќе меѓународно пријателство за да го добие тоа што сака да го добие. Дефинитивно има притисок кон него, но од наша страна не може да се прифати сè и сешто.

Со новата влада очекувано е да има засилени средби и активност на меѓународен план, мислам дека така беше и кога Груевски дојде на чело на Владата. И тогаш се викаше „сега е времето, решете го спорот за три, четири, шест месеци…“ и  после останавме на истото ниво.

Македонија 365: Сметате дека спласнува тој почетен ентузијазам за можно решение?

– Па нема гаранции дека доколку Македонија го прифати тоа што сака Грција, дека веднаш Грција ќе ја подигне блокадата. Никојпат Грција не рекла дека дефинитивно ќе го подигне ветото во НАТО и ЕУ и другата работа што не зависи од Коѕијас и Ципрас е Собранието во Грција, како ќе гласаат пратениците, дали тие ќе го ратификуваат тој договор, од причина што не беше ратификувана и Времената спогодба од 1995 година.

Така да не треба да очекуваме скоро решение на спорот, а сознанијата се и дека Македонија нема да влезе во НАТО оваа година. Тоа се наши, проверени информации. Имаше и јавни објави на сенатори коишто се поблиски до Трамп коишто рекоа дека оваа година нема да биде година на проширување.

Македонија 365: На што би се должела таа одлука на НАТО?

– Тоа би се должело на фактот што НАТО има страшни внатрешни проблеми. Како човек кој е роден во Америка и мене не ми се допаѓа фактот што Америка плаќа повеќе за функционирањето на НАТО. Другите земји не плаќаат ист сооднос. Ова го посочи и претседателот Трамп со поостра реторика, но истата порака на земјите-членки им беше пренесена и од страна на претседателот Обама. Земјите членки мора да придонесат кон заедничкиот буџет за одбрана со тоа што ќе издвојат средства во висина од 2% од нивниот национален буџет. Тоа беше претходно потенцирано и од страна на претседателот Џорџ В. Буш.

Колку што се сеќавам, Македонија едно време издвојуваше 2.1% од буџетот за одбрана. Жално е што државата, односно новата Влада веќе 10 месеци, издвојува само 0.9 % од буџетот за одбрана. Целта им е да ја зголемат за 0.1 процент, но со таа динамика ќе ни требаат уште десет години за да стигнеме до тие 2% за одбрана.

Македонија 365: Спомнавте дека Македонија има алтернатива во преговорите со Грција. Вие бевте многу активни, испративте неколку соопштенија до македонските медиуми за контроверзната улога на медијаторот Нимиц. Го обвинивте дека е своевиден „грчки агент“, дека примал парични средства од големи грчки лобисти.

– Тој донираше 25.000 долари на конгресменката Каролин Малони која во четвртокот ја поднесе резолуцијата против Македонија. Тие се лични пријатели и таа жена претставува голема грчка заедница во Њујорк. Тој донира средства од 1995 година и како „непристрасен“ медијатор меѓу две страни, не би требало да влегува во такви работи, особено што таа конгресменка агресивно лобира против Македонија во Конгресот. Малони е основач на групата за пријателство со Грција.

Другата работа е што тој пред Нова година назначи Гркиња како асистентка додека беше оперативен администратор на компанијата General Atlantic. Нимиц сѐ уште работи во таа компанија како постар консултант, оти тој е веќе во пензија. Додека беше еден од главните во компанијата, тие инвестираа 120 милиони евра во данска банка – “Saxo Bank” која има своја банка-подружница во Грција – “Saxo Bank Hellas”, така што тие суштински инвестираат во банкарскиот систем во Грција.

Ако работиш како медијатор треба да бидеш што е можно понеутрален, да не се мешаш на едната или друга страна. Нимиц беше деск офицер во Стејт департментот во 70-тите години кога се случи Кипар. Тој е многу добар познавач на регионот и има преку 40 години дипломатско искуство со Грција. Од една страна некој ќе рече добро е што тој е медијатор, но другата работа е што во 40 години сигурно си направил многу добри пријатели во грчката заедница и дијаспора.

Не знам колку луѓето знааат дека има двајца специјални медијатори во ОН кои се задолжени за Европа: едната е Македонија-Грција, а другата е Кипар-Грција-Турција. Тука гледаме заеднички грчки интерес, една заедничка држава и два проблеми кои Грција ги опфаќа.

Мислам дека ако се продолжи со ваквото темпо на преговори, мора да се бара друг медијатор, бидејќи Нимиц не е неутрален. Последниве негови предлози се исто како Грција да ги сервираше, доведени сме од ситуација кога се преговараше за замена на референцата до тоа да се преговара за идентитетот, за јазикот, за Уставот, кој не може една суверена држава да ѝ каже на друга суверена држава дека мора да го менува својот Устав.

Македонија 365: Рековте алтернативата е прекин на преговорите. Но сите македонски влади начелно и во пракса се согласуваат да преговараат за тие разлики за името, од една страна веројатно свесни што би се случило доколку се прекинат тие разговори и која би била гаранцијата во случај кога би поднеле барање до Генералното собрание на ОН за прием под уставното име. Кои земји тогаш би застанале на наша страна, ако се земе предвид широката дипломатска мрежа и моќта на грчкото лоби, особено во големите земји како САД?

– Еврејското лоби е многу силно, но Палестина успеа да добие право во Обединетите нации. Затоа и помалите земји одат во ОН, да си ги бараат своите права. Треба да се покаже кичма, Македонија ги има сите аргументи на своја страна, ја има пресудата на Меѓународниот суд од Хаг, ги има сите конвенции на своја страна…

Македонија 365: Ја има силата на аргументите, но кај Грција се аргументите на силата, особено онаа политичката. 

– Затоа треба да се направи заедничка стратегија, соработка со дијаспората, со земјите кадешто живееме, таму да се лобира. Тоа ќе биде подолг процес, нема да може наеднаш да се направи сигурно, но треба да се работи на тоа. Инаку, да ви одговорам на тоа што би се случило доколку Македонија ги прекине преговорите и побара прием под уставното име во ОН, мислам дека од таква одлука Македонија не би изгубила многу и верувам дека Америка не би ставила некакви санкции заради таа одлука.

Македонија може да рече: ќе работиме на внатрешната состојба, си ја подобруваме државата, прифаќаме влез во НАТО и ЕУ, но не ако треба да го промениме името.

Македонија 365: Македонија има нова владеачка гарнитура скоро цела година. Во новиот собраниски состав повеќе нема пратеници кои ја претставуваат дијаспората, но за првпат имаме министер без ресор задолжен за дијаспората. Како гледате на комуникацијата и соработката со Владата, во изминатите десет месеци?

– Прво мора да се спомене дека некогаш самите на себе сме си непријатели. Имавме тројца пратеници кои беа избрани како партиски личности и повеќе се зафатија за партиската политика, отколку за дијаспората. Во Собранието тие воопшто не ги претставуваа интересите на дијаспората. Некои помогнаа за отворање на врати, различна помош околу информирањето за процедурите за пасоши и лични карти во дипломатско конзуларните претставништва и слично, но реално не беа долични претставници за дијаспората и мислам дека тоа ни одмогна како дијаспора и на нашата кауза.

Ние во 2011 година упативме барање до тројцата претставници од дијаспората да се спротивстват на Законот за амнестија на хашките случаи и побаравме од судот во Хаг да се испитаат работите. Пратениците од дијаспората гласаа за тој закон и нивниот одговор беше дека никој од дијаспората не се побуни. Работата е што ако ти ја знаеш дијаспората ќе знаеш дека горе-долу мнозинството на дијаспората не се согласуваше со Законот за амнестија. Затоа и реков дека некогаш самите на себе сме си непријатели и не си помагаме еден на друг.

Од самиот почеток како ОМД бараме формирање на Министерство за дијаспора. Моментално имаме Агенција за иселеништво, сектор за дијаспора, министерство за надворешни работи, координативно тело на дијаспората со членови од различни министерства, па ако сето тоа се сооедини, би требало да имаме една покоординирана комуникација со дијаспората. Оти дијаспората е огромен потенцијал за татковината и Македонија мора да сфати дека дијаспората може многу да и помогне: економски, културно и преку лобирање за нејзините интереси.

Што се однесува до министерот без ресор задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, ние имавме прилика да се запознаеме со него во јули месец кога дојдовме делегација и после пак во септември. Нѐ ставија членови во работната група за градење на национална стратегија. Така да, ќе следиме каков ќе биде напредокот на таа работна група. Но ако градиме вистинска држава, таа држава мора да биде во согласност со Уставот. Не можеме да форсираме работи што не се природни во државата, како што е формирана: татковина на Македонците и да има права за сите малцинства во државата. Оттука, мора да се направи попис и внатрешно и надворешно, за да се знае каде е и дијаспората, да може повеќе да се издејствува и да се помогне кон татковината.

Македонија 365: Во изминативе три месеци имаше серија на протести како во Македонија, така и во многу градови ширум светот каде живеат нашите иселеници. Се протестираше против промена на уставното име на државата. Последниот голем протест беше одржан на 4 март во Скопје, а ден претходно голем број на Македонци (околу 50.000) се собраа на протест во Сиднеј. Во Македонија една поголема група на интелектуалци и јавни личности кои добија значително медиумско внимание ги критикуваше протестите на македонските иселеници, се изнесоа еден куп навредливи коментари за дијаспората и за нејзиното право да протестира за ситуацијата во Македонија. Кој е Вашиот одговор на овие коментари и мислења, има ли дијаспората право да протестира и на некој начин да одлучува за иднината на македонската држава?

– Секако дека има право. Најпрво граѓаните на Република Македонија кои моментално живеат надвор од нивната татковина имаат право и можат да одлучуваат за состојбите во својата земја. Другата работа е што Македонците коишто се втора, трета, четврта и петта генерација сепак имаат право на протест. Тука треба да се напомене дека дијаспората вложува од 18 до 20% од македонскиот БДП преку парични дознаки до своите роднини и пријатели, ова се информации според Светска банка и според Народната банка на Република Македонија.

Најмногу парични дознаки доаѓаат од Австралија, после тоа САД, а потоа е Швајцарија. Може да кажам еден пример: во селото на татко ми има една продавница. Доколку не се луѓето од дијаспората кои доааѓат и се враќаат во селото, да седат по неколку недели во лето, тој нема да има пари за цела година. Верувам дека е слично во многу краеви на Македонија: зависат од нивните роднини, пријатели и дознаките кои ги испраќаат овие луѓе. Тука е се разбира и туризмот: да се разбереме, во Македонија најголемиот број на туристи се дијаспора. Не се Германци, Швеѓани, Јапонци, Кинези и други.

Гледаме во државата особено во летниот период колку нашинци доаѓаат на одмор, а се гледа и по авионските линии од каде доаѓаат најмногу.

Македонија 365: Што е со можностите за бизнис во Македонија? Колку дијаспората и нашите луѓе во светот се заинтересирани за инвестиции во својата земја и колку од нив досега вложиле тука?

– Од почетокот на независноста на Македонија, луѓе од дијаспората инвестираат во Македонија. Еве еден пример: нашиот член на Советот на ОМД, Ѓорѓија Џорџ Атанасовски е можеби најголем инвеститор од дијаспората во Прилеп. Тоа е еден пример, но ги има многу. И не се само во градовите од кадешто доаѓаат, туку се инвестира и во други места, во селата на пример, се инвестира во земјоделието, во туризмот, во информатиката.

Знам еден другар формираше компанија за ИТ индустрија и во рок од две години скоро 250 луѓе вработи во неговата компанија. Во една друга компанија во Битола за една година беа вработени 130 луѓе. Има огромен потенцијал за дијаспората уште повеќе да се ангажира, но голем проблем тука се судството и правдата. Многу луѓе се изиграни, имало поткупи, „пари под маса“, „дојди ќе ти средам работа“ и ред други такви примери.

Една жена сакаше да инвестира два милиони долари во Демирхисарско во земјоделие, но луѓето сакаа поткуп, по што таа рече дека нема да инвестира во оваа држава, ако бараат поткуп. Секаде во светот се случуваат вакви работи, но особено кога се случува од свој човек или од луѓе тука во државата, не ти е мило, особено кога ти тешко си ги сработил парите во дијаспората и после сакаш тука да дојдеш, да ги дадеш и да помогнеш. Не е убаво чувството некој така да ти возврати. Оттука луѓето се разочаруваат и не сакаат да дојдат повеќе. Меѓутоа, ситуацијата се подобрува, гледаме се повеќе повратници во Македонија, кои живеаа во странство. Моите сакаат да се вратат назад во Македонија, во пензија. Тоа е огромен потенцијал за државата да се подобри.

Инаку, околу прашањето за протестите и сите тие малограѓански коментари не ме изнервираа. Тоа воопшто не ме засега. Мислам дека тоа се луѓе кои очигледно имаат интерес да го продолжат status quo на државата. Мораме да работиме повеќе за да се подобри имиџот на дијаспората. Но аргументот е дека не можеш да речеш ти дека „некојси Мајк, Стив и Кевин сега се прават Македонци“. Треба да сфатат луѓето во татковината тука дека многу Македонци заминале од својата земја пред сто и нешто години. Кога во Америка, Канада или Австралија, се уште до одреден степен се дискриминирани имигрантите, нашите луѓе до некој степен морале да се асимилираат за да се подобрат во општеството кајшто се. Не значи дека името Мајк или Стив те прави помал Македонец од друг кој се вика Крсте, Мето, Павел или било што.

Мора да имаме меѓусебно разбирање како Македонци. Не може сите да се согласиме за с ѐ, но треба да имаме почит кон другиот човек дека има различно мислење. Проблемот тука е дека од постоењето на државата, политиката на една или друга влада е да се омаловажи улогата на дијаспората.

Македонија 365: Што конкретно треба да направи Македонија за да ги привлече македонските иселеници, оние коишто се веќе втора, трета или четврта генерација во странство да дојдат во Македонија, спомнавме околу бизнисот, но што може државата да направи за овие луѓе да се вратат во државата, кои чекори треба да ги направиме како држава за да се отворат можностите нашите луѓе да се вратат во својата матична земја?

– Првата работа е дефинитивно правната држава. Сигурноста за некој кој инвестира. Другата работа е здравствениот систем. Јас се плашам за моите кога ќе дојдат тука дека оние здравствени услуги што ги имале во Америка нема да ги имаат тука. Сигурноста во здравствениот систем оттука е многу битна.

Едно е да се олесни начинот на добивање на државјанство, лични карти и пасоши, но проблемот е што на пример треба да леташ од Лос Анџелес до Чикаго за да ги подадеш информациите, податоците и фотографијата и слично. После тоа, треба да се вратиш повторно за да го подигнеш, бидејќи според процедурата мора лично да биде, не може преку пошта да се испрати. Верувајте, луѓето од дијаспората би платиле многу повеќе пари доколку се олесни тој начин електронски.

На пример американски пасош се добива за две недели за 185 долари и ми стигнува по пошта. Дури и сликата ја поднесувам по пошта и така ми го врааќат пасошот. Друга работа е што мора да се отвораат повеќе конзулати, особено во места кадешто има Македонци: Охајо, Лос Анџелес, во Сиднеј, Австралија, гледавте таму излегоа 60.000 Македонци на протест, а ние немаме конзулат во тој голем град. Најблискиот е на 10 часа возење со кола.

Тоа е еден од начините, но исто така и да им се даде право на повеќе луѓе. Ако ти можеш да кажеш дека си втора, трета или четврта генерација, да можеш да имаш право на државјанство. Еве на пример Џон Битов, кој е роден во Канада, а неговите се од Егејска Македонија. Неговите синови, кои се трета генерација иселеници добија македонски државјанства и пасоши и тие луѓе се лобисти за Македонија на некој начин во нивните индустрии.

Исто така мора да има one stop shop, како што правеше владата за инвестиции, мора да има one stop shop за дијаспората, а тоа е Министерство за дијаспора. На времето, се сеќавам моите ќе отидеа во Матицата за иселеници и таму можеше да добијат информации за сѐ. После тоа се омаловажи со снижување од министерство до агенција, па сектор, па сега пак се врати на ниво на министер без ресор, но тоа сѐ уште не е министерство, бидејќи министерот без ресор има петмина вработени кои имаат многу проблеми кои ги опфаќаат, па мора да има министерство кое би се бавело со културни, економски, хуманитарни и слични дејности.

Ние имаме програма „Родум од Македонија/Birthright Macedonia“ преку која носиме студенти во Македонија кои се трета, четврта или петта генерација Македонци во странство. Тие луѓе толку се одушевени од Македонија, пробуваат да го научат јазикот, бараат начини како да се вратат, да помогнат и тие работи. Пред неколку недели ми се јавија од данската влада и оттаму сакаат да формираат слична програма за Данска. Тие на пример имаат идеја за пет години да се вратат 10.000 Данци во својата матична земја. Верувам дека доколку Македонија има добра стратегија за дијаспората, многу повеќе луѓе ќе се вратат.

Но сигурноста во правниот, економскиот и здравствениот систем е уште мала и потребите што ги имаат луѓето во странство се поинакви.

Македонија 365: Спомнавме што Македонија може да направи за Македонија, но сега ве прашувам обратно: што дијаспората досега и сега прави за својата земја на потекло? Што направи и прави дијаспората за националниот идентитет на Македонците во светот, за нивната култура, но и за општиот просперитет и благосостојба во Македонија?

– Мора да напоменам дека дијаспората беше најголемиот лобист за независна и суверена Република Македонија, зборувам историски за последниве сто години. Секојпат се лобирало за Македонија. Јас се сеќавам на зборовите на еден гувернер од Њујорк кога држеше говор во Питсбург во средината на осумдесеттите, тој тогаш кажа дека Македонија треба да биде независна и обединета и тој спомна дека секаде каде што оди во Њујорк среќава Македонци кои лобираат за независна Македонија.

Дијаспората исто така е најголемиот амбасадор за билатералните односи за државите кадешто живеат и татковината. Особено кога имаш пратеници, најдобар примерок е госпоѓата Лилјана Танги која пред неколку дена престојуваше во официјална посета на Македонија. Нејзиното потекло по таткова страна е од Македонија, таа е пратеник во француското собрание и голем лобист за Македонија.

Во Канада го имавме Луи Темелковски кој беше пратеник во канадското собрание (2004-2008) и исто така лобираше интензивно. Се разбира дека такви луѓе имаме и во САД. Да се разбереме, за време на мандатот на Џорџ Буш помладиот, иако некои луѓе сакаа да кажат дека признавањето под уставно име беше токму поради референдумот за територијалната поделба, имаше тројца Македонци кои работеа во Белата куќа, тие беа советници политички и економски на претседателот Буш. Дефинитивно според тоа знаеме од каде дојде одлуката, кој и како лобирал. Но имаме ние луѓе кои се избрани на избори во различни локални општества.

Сме имале судии, имаме една членка која доби на избори со 2,1 милион гласови во Мичиген на Board of regions на Универзитетот во Мичиген. Има луѓе кои секојдневно се подобруваат во општеството. За ние да можеме уште повеќе во дијаспората, мора Македонците да бидат етаблирани во општеството кајшто се за да можат поефикасно да помогнат.

Сите заедници во Америка пробуваат да имаат што е можно подобри односи со конгресмените, па оттука и ние формиравме група за пријателство со Македонија во 2011 година. Оваа група има 35 конгресмени. Некои од врвните сенатори кои лобираат за Македонија или имале Македонци во местото кадешто живеат или растеле со Македонци и така ја знаат македонската проблематика и ни помагаат. Најголемите пријатели биле токму тие сенатори и конгресмени.

Да не заборавиме дека сега има конгрес кој се вика House democracy partnership, тоа е програма која се формираше во 2005 година, со цел македонското Собрание да се побратими на некој начин со американскиот Конгрес.  Тоа беше благодарение на македонската заедница од Детроит кои лобираа кај нивната конгресменка и таа стана членка на таа група и доведе едни од првите конгресни делегации во Македонија. Така да, политичкото лобирање е едно од огромните потенцијали во државите, признавање на уставното име од страна на САД, Канада, Унгарија, Индија и други земји доаѓа благодарејќи на дијаспората која е активна на тие полиња.

Веќе ги спомнав и економските, културните, хуманитарните и ред други места кадешто можеме да помогнеме.

Македонија 365: Каква е вашата сегашна соработка со останатите дијаспори, во прв ред тука е секако еврејската дијаспора во САД, но одговорете ми и каква соработка имате со албанската дијаспора во САД, од причина што еден добар процент на луѓе од таа дијаспора се по потекло од Македонија?

– Мислам дека од страна на човек до човек релации се добри и коректни. Ние соработувавме со Националниот албанско-американски совет кога правевме промоција на делата на Штерјо Спасе во Конгресната библиотека и дојде заменик-амбасадорот на Албанија во Вашингтон кој беше Македонец по потекло, Аријан Спасе, тој моментално е албански амбасадор во Унгарија.

После тоа, следната година правевме промоција на делата на Луан Старова заедно со професорката Кристина Крејмер. Така да, од културен аспект има соработка. Ние често организираме приеми со балканските народи во Вашингтон и доаѓаат од сите дијаспори, тоа не е спорно.

Што се однесува до политичкиот дел, мислам дека можеме повеќе да соработуваме, да ни помогнат Албанците во поглед на лобирањето за грчкиот проблем со нашето уставно име, тоа баш му го спомнав и на градоначалникот Таравари при гостувањето во „Само вистина“. Дали се сега спремни албанските партии да лобираат во Албанија да нѐ признае под уставното име?  За жал, тоа сѐ уште не е признато од страна на Албанија.

Не гледам многу разбирање во однос на тој проблем, но се надевам дека постепено и Македонците што живеат не само во Мала Преспа, туку и во Голо Брдо, во Тирана и во други места низ Албанија ќе можат уште повеќе да помогнат, но се во лоша состојба и таму. Мора да сфатиме дека Македонија е држава основана како татковина и матична земја на Македонците, а останатите малцинства имаат ги имаат сите права предвидени со Уставот. Албанија мора да престане да се меша во внатрешните работи на Македонија, особено кога доаѓа со своето малцинство, како што нас ни бара да не се мешаме со малцинствата во Грција, Бугарија, Албанија и други… Дефинитивно треба да има еден реципроцитет во поглед на правата, а што се однесува до коментарот дека таков реципроцитет не би бил можен поради бројката на Македонци во Албанија со таа на Албанци во Македонија и процесот на стекнување на нивните права, би рекол дека еден релевантен попис е многу битна работа.

Да се навратам на прашањето претходно, постојат други етнички групи кои ни помагаат во Америка: хрватската, унгарската, турската, романската, босанската се можеби најголеми пријатели на македонската дијаспора. Тука е и еврејската дијаспора која често има македонска делегација за нивниот годишен форум и  еден од нивните рабини е дел од советот на Музејот на холокаустот во Скопје. Оваа година за првпат ќе има македонско-еврејска тура низ Македонија, во месец август. Турата ќе биде организирана од македонска Еврејка, по потекло од Битола, таа е една од познатите пејачки во светот на ладино музиката.

Македонија 365: За крај, каде ги гледате перспективите на Македонија во следната деценија? Каде посакувате да се движи нашата земја?

– Македонија е место кадешто се вкрстуваат север и југ, исток и запад. Може да служи како еден hub за многу работи: транспортни врски, енергетика, ИТ сектор и слично. Земјата може да биде „зелена држава“. Да биде напредна, да има огромен потенцијал, особено во нано технологијата. Тука е хидроенергијата, дефинитивно Македонија нуди можности за туристичка дестинација, не само Охрид или Преспа, туку и останатите градови и краишта на Македонија.

Винската индустрија станува се повеќе и повеќе етаблирана во светот. Македонското вино јас го служам на сите приеми што ги организираме и сите пријатели што не се Македонци кога го пробуваат викаат дека е едно од поубавите вина што го пробале, но тоа треба да се етаблира уште повеќе. Верувам дека повеќе и повеќе луѓе од дијаспората ќе се доселуваат тука. Сме имале трета, четврта или петта генерација иселеници кои ги носиме во Македонија и тие ја знаат Македонија поради баба или дедо и го користат зборот „баба“ или „дедо“, а претходно ништо не знаат за Македонија. Откако ќе дојдат тука, се воодушевуваат од Македонија, ја шетаат целата земја, не само Скопје, Охрид или Битола, така да верувам дека имаме светла точка напред за македонската кауза, но мора да сме обединети.

Искрено, не гледам напредок кај политичката елита во Македонија, ни кај едната ни кај другата страна. Верувам и дека повеќето од дијаспората би се согласиле дека ни треба некаква експертска влада, неколку години која ќе работи исклучително само на подобрување на внатрешната состојба, да нема никакви ингеренции во промена на името, Уставот и такви работи. Да се извадат тие лични и партиски интереси кои владеат во Македонија од почетокот и секој гледа да си профитира од политика, наместо да профитира и после да влезе во политика, да помогне назад, да даде на татковината.

Можеби и луѓе од дијаспората да влезат во таа експертска влада со нивното знаење и нивното know-how и да се претвори од brain drain до brain gain. Да научиме како да го искористиме тој потенцијал, оти луѓе што не се опфатени со секојдневната политика ја гледаат Македонија поинаква и мислат дека можат многу повеќе придонес да дадат. Но мора да се инвестира многу повеќе во младата генерација, бидејќи тие се потенцијалот на оваа земја. Ако младите бегаат од државата и секој еден сака да излезе, тоа не е добро за државата.

Македонија 365                                                                                                             Павел Донески