„Катимерини“: Патот до решение за името може уште долго да трае

26 март, 2018 | 12:15 часот | 528 прикажувања |

Високи извори од грчкото Министерство за надворешни работи за „Катимерини“ изјавиле дека патот до решение може уште долго да трае. Весникот, коментира дека ова се должи и на внатрешните случувања во двете земји во изминатиот период, пренесува МИА.

„Високи извори од Министерството за надворешни работи рекоа дека патот до решение може уште долго да трае. На почетокот постоеше оптимизам дека периодот до Велигден може да доведе до конечен договор, што едноставно ќе се ратификуваше во април или мај, на начин на кој ќе одбереше секоја страна. ПЈРМ сигурно со референдум. Меѓутоа, во пракса разликите се покажаа многу посериозни од тоа што беа оценети на почетокот, не толку многу поради дипломатското растојание, туку поради сериозните политички пречки со кои што се соочуваа и двете влади во претходните месеци“, пишува „Катимерини“.

Новинарот, коментирајќи ги средбите на Никос Коѕијас во Скопје, додава дека ваков вид дипломатско раздвижување меѓу Атина и Скопје последен пат е забележан во 1995, со потпишување на Времената спогодба.

Медиумите во Грција коментираат дека сега сите погледи се насочени кон Виена и средбата во петок на двајцата шефови на дипломатиите со специјалниот претставник на ОН, Метју Нимиц, каде што, според „Катимерини“, ќе се процени напредокот во преговорите.

„По новото претставување на позициите, на 29 и 30 март под покровителство на ОН, не се очекуваат нови случувања пред Велигден, туку потоа, а можеби и многу подоцна“, пишува грчкиот весник.

Новинарите кај јужниот сосед и натаму пишуваат дека постојат одредени точки на несогласување во преговорите меѓу двете страни, како што се прашањата поврзани со Уставот, идентитетот, но и обликот на името. Атина и натаму инсистира на уставни промени, за името да биде и за внатрешна и за надворешна употреба, но посакува договорот да е со непреведено име.

„Обликот на новото име и можноста за превод на други јазици (особено на официјалните јазици во ОН) се чини дека се претвори во „трн“ во преговорите меѓу Грција и ПЈРМ, како што произлезе од прес-конференцијата на Никос Коѕијас и Никола Димитров“, пишува „То вима“ и коментира дека ова значи дека „за Скопје претставува сериозен проблем да прифати непреведено име, нешто кон што Атина јавно има кажано дека се стреми“.