ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ се служи со методолошки и статистички шминки за да прикаже зголемување на просечната плата

25 март, 2018 | 18:49 часот | 464 прикажувања |

Обичниот граѓанин најдобро гледа дали и колку е покачена просечната плата во Македонија, а обичниот граѓанин гледа и дека неговиот стандард е намален во споредба со лани.

Ова е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, по прес-конференцијата на министерот за финансии, Драган Тевдовски, кој денеска ги презентираше податоците на Државниот завод за статистика, во врска со покачувањето на просечната плата во земјава.

„Денешната прес конференција на министерот Тевдовски беше само потврда дека СДСМ се служи со методолошки и статистички шминки за да прикаже зголемување на просечната плата во Македонија. Впрочем промената на методологијата само покажува дека нема реален пораст на платите. Дека политиките на владата на СДСМ не даваат никаков резултат показател е и фактот што нивните на големо најавувани субвенции за минимална плата се искористени со само 10 отсто од вкупните средства во буџетот за оваа намена, што говори дека не влијаат врз висината на платите во Македонија“, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде посочуваат дека дополнителен сомнеж фрла и тоа што приходите од персоналниот данок останале исти.

Според нив, во услови на нула стапка на економски раст, остварени минатата година, илузорно е да се очекува реален раст на платите и на животниот стандард, што е спротивно на економската логика.