Јачева-Улчар: Од кого се плашите „пријателски“ јужни соседи наши?

25 март, 2018 | 11:15 часот | 5.757 прикажувања |

Бидејќи не сум дипломат, ниту историчар, ниту политиколог, ами потомок од третата генерација Егејци во Македонија кој израснал, се школувал и слободно избрал да се занимава со проучување на македонскиот јазик ((оној со чие негирање од ваша (и не само од ваша) страна сум се соочила уште од првиот ден кога сум почнала да го осознавам светот околу себе)), сакам отворено да прашам:

Од чиј иредентизам и од кои Македонци се плашите:

а) од овие овде протераните откај вас (овие што живеат „н`тре во Републиката“, како што велат нашите во Леринско) или од Егејците (како што погордно ги нарекуваат овие што живеат во Република Македонија)?
в) од овие тукашните (како што ги викаат Егејците), од Македонците родум од РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА?
б) или од оние што останале во Долна/Јужна/Егејска Македонија или во Северна Грција (како што ја викате вие)?

И еве веднаш ќе ви одговорам: ОД НИЕДЕН МАКЕДОНЕЦ НЕ ТРЕБА ДА СЕ ПЛАШИТЕ!!!

А еве и зошто:

а) и б) Во Република Македонија првата генерација бегалци, оние омразените комунисти кои ни тогаш не се бореа за територија, туку за основни човекови права во кои на прво место е правото на слободно изразување на својот мајчин јазик (без тортури, казни и ќотеци) – веќе одамна ги наполнија гробиштата во, речиси, сите градови на Република Македонија. Умрени се, сакам да речам. Ги нема. Тие и живи беа умрени. Од тага.

Втората генерација Македонци од Егејска Македонија, попознати во нашава средина како „деца бегалци“, одамна веќе не се деца: баби/прабаби и дедовци/прадедовци се. Имаат тие други маки сега. Ги навалиле годините. Ги полнат амбулантите и ги трошат скромните пензии за лекови и лекување. Тие, тука во Република Македонија си свија свои гнезда. Направија фамилии, изродија деца и печалеа за своите деца. Некои од нив, меѓу кои е и мојот татко, само еднаш се вратиле назад. Колку да видат каде се родиле. И толку.

Ни имот им е требен, ни ниви, ни куќи им се требни. Едно само сакаат: да умрат достоинствено, така како што и го поминаа сиот свој живот како лојални граѓани на државата Македонија, а не како иредентисти!
Третата генерација Егејци, на која ѝ припаѓам јас, родени во социјалистичка Македонија, не ја врзува ништо со тој простор што вие сметате дека го има ексклузивното право да го носи името Македонија. Оваа генерација Македонци исто како и другите Македонци (барем повеќето од нив) родени во Република Македонија (на која вие сте запнале да ѝ го менувате името) исто како и втората генерација бегалци сака ДОСТОИНСТВО и право да се нарекува така како што се нарекува од самото раѓање без никави додавки и придавки, без понижувања и ултиматуми од никого.

Оставете го овој народ достоинствено да живее. Јас знам дека не можете да исправите историска неправда, дека денешното грчко население не е виновно ни за геноцид, ни за истурените напалм-бомби, ни за егзодусот… Не очекувам дури ни да се извините, такви високоморални гестови не му се својствени на Балканот. Но очекувам да престанете да ширите омраза меѓу вашето население со продуцирање на такви наративи, кои одамна се адактирани и во историјата и во Европа.

в) Оние Македонци што останале во Долна/ Јужна/ Егејска Македонија или Северна Македонија ви се, исто така, безопасни. Бев пред пет години и ги видов. Кутар народ е тоа. Страв во коски сте му набиле. Таков каков што имала мојата баба. Страв да зборува МАКЕДОНСКИ. („Са плашикме. Ногу са плашикме да лајфме макидонцки. – Езикот ќе ви гу сејчме – ни велија.“, раскажуваше мојата егејска баба Теоница). Тие малкумина похрабри што застанаа да прозборат со нас – беа пријавени во вашите служби. (НЕ следеа следниот ден кога патувавме од Лерин до Воден со едно тегет авто без никакви ознаки.

Таксистот, наш човек беше, смрзнат од страв пред Воден ни рече: Сега кога ќе стасаме пред хотелот, веднаш собирајте си ги пљачките и право во хотел. Ме следи полиција.) Македонски, се зборува уште по планинските села. Во домашна употреба. На младите Македонци во Северна Грција, како и на сите деца на Македонците што живеат по светот, кои се школуваат на туѓ јазик, полесно им е да комуницираат на јазикот на кој се школуваат.

Во Грција нема шанси за образование на македонски јазик (да можете вие и овде би го укинале, не, пак, на ваша територија). Така што, уживајте, драги пријатели! И не трујте го вашиот народ со омраза спрема мојот народ.

„Бесмислена е борбата и волча. И крие епичности“ – напиша Вапцаров од Пиринска Македонија.

(фејсбук статус на Елка Јачева-Улчар)