Влахов Мицов: СЈО го крие кривичниот предмет за пописот од 2002 година

24 март, 2018 | 16:36 часот | 1.280 прикажувања |

Заменик претседателот на Единствена Македонија, Стефан Влахов Мицов денеска на прес-конференција обвини дека Специјалното обвинителство го крие кривичниот предмет за пописот во 2002-та година.

„Специјалната обвинителка Катица Јанева најави обвинение против Никола Груевски и Али Ахмети за кривично дело со кое го оштетиле државниот буџет за три милиони евра во врска со прекинатиот попис во 2011 година. Меѓутоа, Катица Јанева го крие клучниот кривичен предмет за фалсификуваниот попис од 2002-та година, со кој Албанците лажно беа прикажани дека се 25,17 отсто. Оттука и прашањето, како е можно едно кривично дело, па макар биле потрошени и три милиони евра, да биде повредно за Катица Јанева од фалсификуваниот попис со кој беа осакатени Македонија и Македонците“, праша Влахов Мицов.

Тој посети дека Народното движење за Македонија како правен претходник на Единствена Македонија, во 2009-та година, до Јавното обвинителство поднело кривична пријава за пописот во 2002, меѓутоа, но кривичната пријава останала закочена во обвинителските фиоки на тогашниот државен обвинител Марко Зврлевски. Потоа, во декември 2015-та година, партијата на Јанко Бачев до Специјалното јавно обвинителство поднела предлог за преземање на кривичниот предмет.

„Се работи за доста содржајна кривична пријава поткрепена со факти и докази кои побудуваат сериозно сомнение дека носители на највисоки јавни и државни функции во тоа време преземале активности за да влијаат при извршеното пребројување на прашалниците од страна на 160 лица кои во тоа време биле подготвени за кодирање и обработка на податоците со намера невистинито да прикажат дека бројноста на албанското малцинство во државата изнесува 25,17 проценти, со цел да ги задоволи потребите на Рамковниот договор кој предвидува албанската заедница да ги добие правата ако учествува со над 20 отсто од населението“, тврди Единствена Македонија.

При прибирањето на доказите, тие велат дека дошле до сознанија дека албанското малцинство во земјата изнесува околу 14 отсто.

„Расчистувањето со фалсификуваниот попис од 2002 е прашање од највисок национален и државен интерес за Македонија и Македонците. Фалсификуваниот попис во 2002 е случај над сите случаи и е неспоредлив по свето значење со сите предмети на Специјалното обвинителство. Оттука и прашањето, зошто Катица Јанева молчи и го крие предметот за фалсификуваниот попис од 2002“, праша Влахов Мицов.

Единствена Македонија ја повика Јанева да го испита случајот и изрази сомнеж дека одлуките на Специјалното обвинителство се пишуваат во американската амбасада во Скопје.