Заев: Очекуваме дека ЕУ многу бргу ќе ѝ даде шанса на Македонија

24 март, 2018 | 11:39 часот | 512 прикажувања |

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев вчера се обрати на Федералното собрание на Млади европски федералисти, што се одржа во Собранието на Република Македонија.

Поздравувајќи ги присутните млади европски федералисти, Премиерот Заев истакна дека е задоволство да се види толкав број на политички активни млади од цела Европа собрани во Македонија, на Собрание на кое ќе ги дефинираат политиките и резолуции што ќе ги поднесат во Европскиот парламент.

Премиерот Заев, исто така истакна дека, директната вклученост на младите во креирањето на политиките и политичката ангажираност е основа за прогрес на демократските заедници кои постојано се унапредуваат и се спроведуваат.

Тој уште нагласи дека младите европски федералисти се близок партнер на Владата на РМ, особено заради нивната посветеност на на две теми кои се посебно значајни за Владата – младите и евроинтеграциите.

Искажувајќи благодарност за нивните заложби за одржување на европските вредности во Македонија, и за спроведување на принципите на Европската унија во решавањето на политичката криза во земјава, во своето обраќање тој нагласи:

„Вашата поддршка за излез од политичката криза и за ослободување на заробената државата беше одговор и за нападите врз граѓанското општество. Храброст, доблест и вредност е да се заземе таков став. Никој од нас не може целосно да ги предвиди резултатите од нашите постапки. Но вие, почитувани млади луѓе покажавте дека вреди да се вложи напор. Практично демонстриравте како се применува граѓанското учество, инклузивноста, како една од европските вредности“.

Премиерот, во оваа прилика ги нагласи визиите, заложбата и чекорите на македонската влада, насочени кон Европската Унија и нејзините вредности, а со тоа и кон подобрување на животот на граѓаните во еден слободен и демократски политички амбиент.

„Секогаш упатуваме јасни пораки дека за Македонија нема друга алтернатива освен Европската Унија и НАТО. За нас нема друга алтернатива освен подобар живот за граѓаните, а сите знаеме дека евроатлантските интеграции одат паралелно и заедно со реформите, со унапредувањето на сервисите за граѓаните и со економскиот раст. Во исто време, ниту едно искушение или предизвик не може да не оттргне од европските вредности како што се солидарноста, еднаквоста и правичноста. Очекуваме дека Европската Унија и Европската комисија наскоро, многу бргу ќе ѝ дадат шанса на Република Македонија овие вредности да ги спроведува и како рамноправен партнер во европската заедницата“, рече во своето обраќање Премиерот Заев.

Премиерот, во својот говор се осврна и на интензивната заложба на Владата на Република Македонија, партнерски и инклузивно да соработува со младинските организации. Тој потсети дека оваа недела, за прв пат во историјата на Република Македонија, беше организирана тематска владина седница, посветена на имплементирање на младинските политики во земјава, и ја истакна максималната поддршка за иницијативата за регионална соработка меѓу младите од Западен Балкан – RYCO.

Посакувајќи им успешна работа, Премиерот, дополнително нагласи дека одржувањето на Федералното Собрание на ЏЕФ – Европа, токму во Македонија го става фокусот на нашата земја и овозможува да покажеме, како што рече тој, дека „делиме исти европски вредности“.