Патријархот Неофит: Треба да ја прифатиме подадената рака од Македонија

27 ноември, 2017 | 10:53 часот | 254 прикажувања |

Треба да ја прифатиме подадената рака од Македонија. Тоа е најмалку што можеме, бидејќи тие се наши браќа, наш народ. Ќе се стремам да го зачувам неговото единство, изјави бугарскиот патријарх Неофит пред влегувањето во Синодот на БПЦ.

Патријархот и митрополитите се собраа утрово на заседание на зимската сесија на кое го разгледуваат писмото од МПЦ-ОА во кое бара да биде признаена како независна црква, а БПЦ да биде нејзина мајка-Црква, пренесува БГНЕС.

Според најавите на бугарските владици, не се очекува брз одговор на БПЦ, туку ќе биде формирана комисија која ќе треба да ги информира останатите православни цркви и да го слушне нивното мислење за барањето на МПЦ-ОА.

На прашањето зошто толку долго се бара решение за МПЦ, патријархот Неофит изјави дека решението за Македонската православна црква (МПЦ-ОА) се бара толку многу години, затоа што е сложено и треба многу добро да се осмисли.

Според него, ова прашање треба многу добро да се осмисли, а решението да се донесе со мнозинство и сите православни цркви да имаат јасна претстава за прашањето за автокефалноста, што не беше разгледувано на минатиот Сеправославен собор на Крит.

Пред Синодот на МПЦ во Софија утринава се собра голема група бугарски граѓани кои и даваат поддршка на БПЦ да го прифати барањето од МПЦ-ОА. На студено време и дожд, тие два часа чекаа пред Синодот со барање, како што стои и на транспарентите „да не се отфрла подадената рака од нашите браќа од Македонија“.