Градот Скопје ќе се вклучи во глобалната акција „Часот на планетата Земја“

23 март, 2018 | 16:41 часот | 594 прикажувања |

Градот Скопје утре во периодот од 20:30 до 21:30 часот ќе се вклучи во глобалната акција „Часот на планетата Земја“ и ќе го исклучи осветлувањето на неколку објекти во центарот на градот.

Осветлувањето ќе биде исклучено на следниве објекти и локации: плоштад „Македонија“ со спомениците, Порта Македонија, улица Македонија, Камениот мост, Скопската тврдина, Македонскиот народен театар, Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј, објектот на АЕК, колонадата, Јавното обвинителство на Република Македонија, Министерството за надворешни работи, плоштадите „Мајка Тереза“ и „Филип Втори“, мостот „Око“, Мостот на уметноста, Палата Пелистер, Ристиќева Палата, Сити Галери и хотелот „Мериот“.

На плоштадот „Македонија“ заедно со волонтерите на Црвениот крст ќе биде испишано логото на акцијата 60+ со петстотини свеќи. Во еколошкиот мрак, поддржано од ЕВН Македонија, ќе има и акустичен концерт на младата пејачка Теа Трајковска, а присутните посетители ќе имаат можност да добијат флуоресцентна алка и флуоресцентен цртеж на своето лице и да се придружат во одбележувањето на Часот на планетата Земја.

Македонија деветта година по ред се вклучува во одбележувањето на најголемата светска еколошка акција „Часот на планетата Земја“ кога во 20:30 часот по локално време, во период од еден час, во мрак ќе потонат над 180 земји и 7.000 града низ светот.