Бранко Азески именуван за почесен црногорски конзул во Штип

23 март, 2018 | 13:57 часот | 274 прикажувања |

Денес во Штип беше свечено одбележано официјалното отворање на Конзулатот на Црна Гора во Република Македонија. Почесниот конзул на Црна Гора во Република Македонија со седиште во Штип, Бранко Азески, ја истакна важноста на соработката и добрите односи меѓу двете земји, кои и понатаму треба да се унапредуваат, а отворањето на Конзулатот на Црна Гора во Република Македонија, со седиште во Штип, дополнително ќе придонесе за взаемното приближување и запознавање меѓу овие две земји, и тоа во прв ред на економски и културен план.

Неговата екселенција Предраг Митровиќ, амбасадор на Црна Гора во Република Македонија истакна дека Црна Гора и Република Македонија имаат одлични билатерлани односи, без отворени прашања, претставувајќи одличен пример за соработка во регионот.

„Отворањето на Конзулатот ќе придонесе за продлабочување на досегашната соработка и подигање на дипломатските релации меѓу двете земји на повисоко ниво. Во наредниот период Црна Гора и Република Македонија интензивно ќе работат кон зајакнување на еконосмката соработка, за што ќе придонесе и новата директна авио линија на релација Скопје-Подгорица. Црна Гора и Република Македонија потребно е со заеднички сили да ги искористат поволностите што ги нуди Европската Унија“, истакна амбасадорот Митровиќ.

На пригодната свеченост по повод отворањето на канцеларијата на Конзулатот на Црна Гора во Македонија, со седиште во Штип присуствуваше и делегација од Амбасадата на Црна Гора во Република Македонија, г-дин Милорад Андријашевиќ, почесен конзул на Црна Гора во Македонија со седиште во Битола, градоначалникот на општина Штип, г-дин Благој Бочварски, како и претставници од деловната заедница од Република Македонија.

Кога станува збор за билатералната соработка меѓу Република Македонија и Република Црна Гора, беше потенцирано дека двете земји како атрактивни туристички центри, треба повеќе да се заложат за развој на туристичкиот сектор преку заеднички промоции и понуда на туристички пакети, атрактивни за домашните и за странските туристи, а посебно значајно на овој план би било и реализирањето на иницијативата за повторно воведување на авионската линија Скопје – Подгорица – Скопје, во насока на обезбедување соодветна инфраструктура која ќе овозможи поголемо движење на луѓе, стоки и услуги во двата правца, што како крајна цел ќе придонесе за зголемен обем на економската соработка меѓу Република Црна Гора и Република Македонија.

Добра можност за унапредување на трговската соработка се проценува дека постои во пласманот на свеж и преработен зеленчук и овошје и други земјоделски производи, како и во областа на градежништвото и метало-преработувачката индустрија.

„Сепак за сето ова да се реализира мора да бидат надминати одредени проблеми кои го оневозможуваат и обременуваат процесот, а тоа се овозможување погодна инфраструктура и надминување на поголем број прекугранични бариери кои го кочат самиот процес. Развојот на соработката меѓу двете земји треба да се гледа и преку промоција и искорисутвање на компаративните предности на секоја од нив. Клучната претпоставка за успешна соработка и развој меѓу Црна Гора и Македонија првенствено зависи од институционалната рамка и способноста на сите нас да придонесеме за воспоставување на деловно опкружување кое ќе привлече капитал, нужно потребен да се забрза економскиот раст, но и да придонесеме за промоција на потенцијалите на земјите кои ги претставуваме, кои како мали земји, имаат неминовна потреба од соработка заради натамошен опстанок и развој, не само на економски план, туку и на политички план”, посочи почесниот конзул Бранко Азески.

Обемот на вкупната трговска размена меѓу Република Македонија и Црна Гора во 2017 година изнесува 38,9 милиони американски долари и бележи зголемивање од 16,5% во споредба со минататa година. Иако споредбено трговската размена по номинален учинок помеѓу двете земји е релативно мала, сепак постојат нагорни трендови во зголемувањето на увозот и извозот, посебно во делот на преработувачката индустрија (прехрамбените и фармацевтските, алкохолните пијалаци), како и земјоделските култури, додека пак во нагорна линија на увозот од Црна Гора се прехрамбените производи и обработката на дрво, но најзначаен удел има порастот кај услугите во секторот туризам.

Според тековите на стоковата размена може да се согледа дека нема значајни осцилации во размената помеѓу двете земји, постои долготрајна и стабилна економска соработка, со тенденција кон поголем пораст, доколку во предвид се земат показателите од последниве две години.