Заев-Танги: Франција гледа кон почеток на преговори на Македонија за членство во ЕУ

23 март, 2018 | 13:41 часот | 147 прикажувања |

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, претпладнево се сретна со Лилијана Танги, пратеничка во Француското Собрание, заменик претседателка на Парламентарната група за пријателство Франција – Македонија и заменик претседателка на Комитетот за ЕУ прашања, придружувана од Кристијан Тимоние, амбасадор на Република Франција во Република Македонија, информираат од владината прес-служба.

Француската пратеничка Танги пренесе забелешка дека се направени големи напори и напредок од оваа Влада на планот на реформите и европските интеграции. Таа посочи на потребата од гаранции дека ќе се спроведат сите реформи, но дека ситуацијата на тоа како Франција гледа кон почеток на преговори на Македонија за членство е благонаклонета и треба да се продолжи да се работи во избраниот правец.

На средбата е изразена заедничка согласност дека од клучно значење како за евро интеграциите, така и за сите граѓани во државата е воспоставувањето ефективна правна држава, почитување на институциите како и на уставните одредби. Исто така поздравени се добрососедските односи и заеднички е изразена надеж дека низ конструктивни преговори со Република Грција ќе се дојде до решение на долгогодишниот спор.
Пратеничката Танги посочи дека Република Франција е поддржувач на евро-атлантските интеграции на Република Македонија, како и дека се создадени услови за зајакнување на односите меѓу двете држави и интензивирање на економската соработка.

„Реформите ги спроведуваме низ координација со делегацијата на ЕУ. Определени сме кон добрососедски политики, конструктивност и соработка со сите во државата, вклучувајќи ја во важните граѓански и државни процеси и опозицијата. Од тие причини очекуваме 2018 година да биде значајна за Република Македонија, да добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ и да се активира автоматската покана за НАТО. Изразувам посебна благодарност до Република Франција за значајната поддршка што и ја дава на Република Македонија во сите важни демократски процеси, вклучувајќи ја и реализацијата на стратешките евро-атлантски цели на државата“, рече премиерот Заев.

На средбата беше потенцирана важноста од поддршка на реформскиот План 3-6-9 од страна на сите пратеници во Парламентот и сите политички субјекти. Исто така беше истакната важноста од изградбата на Република Македонија во едно општество, со еднакви права и обврски на сите граѓани.

Француската пратеничка Лилијана Танги ќе ги пренесе впечатоците за актуелната политичка ситуација во Република Македонија на своите колеги пратеници во Француското Собрание, како и на францускиот премиер Емануел Макрон, со оглед на заинтересираноста на Република Франција да помогне во евро-интеграциските процеси како на Македонија, така и на целиот регион.