Димитров: Тешко е да му објаснам на мојот народ дека слеано и непреведено име е добро решение

23 март, 2018 | 12:04 часот | 16.413 прикажувања |

Слеано име на македонски јазик и без превод, не е најдобриот правец во разговорите, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров на прес конференцијата, одговарајќи на новинарски прашања.

„Сегашната референца ‘поранешна југословенска Република Македонија’ го содржи името Република Македонија и тоа е преведено на шестте официјални јазици во ОН. Тешко е да му кажам на мојот народ дека сложено име со некаква одредница, заедно со името Македонија, во еден збор, е добро решение“, изјави Димитров.

Македонскиот шеф на дипломатијата рече дека Македонија се залага за одржливо решение кое ќе биде постигнато и прифатено од јавноста и граѓаните на двете земји.

„Наше е тоа да го понудиме и одбраниме. Иако застапуваме различни страни се обидуваме да постигнеме заедничка иднина. Историјата е важна, но не можеме да ја промениме, за разлика од сегашноста и иднината. Потребно е оддржливо решение што на двете страни ќе им овозможи да одат напред“, рече Димитров.