Коѕијас: Веруваме во чесни договори со кои и двете страни ќе имаат придобивки

23 март, 2018 | 11:49 часот | 405 прикажувања |

Шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, по двочасовната средба во МНР, на прес-конференција ја информираа јавноста за најновата ситуација во преговорите за прашањето за името.

„Се радувам на посетата на северната пријателска земја. Ги задржав ветувањата дека кога ќе се смени името на аеродромот ќе дојдам во посета, за да ја отворам втората фаза за согласноста за поврзување на вашата земја со ЕУ. Верувам во нашата соработка за добро на нашите граѓани. Верувам дека направивме чекори за решавање на проблемите кои ги затекнавме. Дека тоа ќе помогне за пријателството на народите, за соработката, комуникацијата, стабилноста, безбедноста и за развој на целиот регион. Верувам дека политичките пречки мора да се надминат“, рече Коѕијас, додавајќи оти се радува на средбите со политичкиот врв.

„Во политиката е лесно да не правиш ништо. Не се сеќавам дека народот многу се жалел или на критики на министрите за нерешавање на проблемите, но животот ги нуди решенијата што е скапо. Министрите за надворешни работи со иницијативата на премиерите имаат должност за наоѓање на решение кое ќе помогне на земјите“, нагласи грчкиот шеф на дипломатијата.

Коѕијас истакна дека верува во компромис при решавање на спорот за името.

„Грција излегува од економската криза и за посакуваниот развој мора да имаме соработка на поширокиот регион, кој мора да влезе во ЕУ. Веруваме во чесни договори со кои и двете страни ќе имаат придобивки. Веруваме во компромис. Не може да добиеш сѐ што замислуваш, но треба да се добие она што е главно за двете страни и за заедничкиот интерес“, рече Коѕијас, додавајќи дека луѓето меѓу двете држави се движат и се посетуваат.

„Грција со радост ги прифаќа посетителите кои доаѓаат за туризам, но и за бизнис. Народите се блиски и наша должност е да ги доближиме уште повеќе“, додаде грчкиот министер за надворешни работи.