Грчкиот архиепископ Димитриос до Трамп: Заложете се за соодветно и историски оправдано име за државата ФИРОМ

23 март, 2018 | 0:04 часот | 3.568 прикажувања |

Грчкиот архиепископ Димитриос од Америка побара од американскиот претседател Доналд Трамп да се заложи за соодветно и историски оправдано име за нашата земја, која ја нарече „државата ФИРОМ“.

„Бараме од вас да зборувате во името на сите нас за фер и еднакво решение за трагичната поделба на Кипар и за прашањето за соодветно и историски оправдано име за државата ФИРОМ“, рече архиепископот во својот говор, по повод свеченоста во Белата куќа за Денот на грчката независност.

Тој посочи дека на Денот на грчката независност го слават почетокот на нивната борба, но не и завршувањето.

Архиепископот Димитриос му се заблагодари на Трамп за тоа што застанал со нив и што зборувал за универзалните човекови права и слободи. Му кажа и дека се моли за негово добро здравје, како и за добро здравје на сопругата Меланија и целото семејство Трамп.

По повод Денот на грчката независност, Трамп приреди свеченост на која присуствуваа и членови на неговиот кабинет, а првиот човек на САД ја искористи приликата да се заблагодари на грчката дијаспора во Америка.