Македонците од Австралија со декларација за македонската политичка криза

22 март, 2018 | 23:06 часот | 610 прикажувања |

На својата вонредна федерална конференција, од 24 февруари 2018, по повод политичко-правната криза во Република Македонија, Здружението на македонски заедници од Австралија едногласно ја усвои следната декларација:

1. Најстрого ја осудуваме измамничката, репресивна и деструктивна политика на партијата СДСМ, која злоупотреби лажна платформа на борба против корупцијата за да профитира токму од систематизираната корупција, односно од државната партизација, етносегрегацијата, непотизмот, клиентелизмот, негативната селекција, двојните аршини во применувањето на законите, надворешната трговија со суверенитетот, интегритетот и идентитетот на Република Македонија, како и трговија со човековите права и слободи на македонскиот народ низ светот, во коалиција со националистичко-екстремистичкиот партнер од претходната власт, партијата ДУИ, за која лидерот Зоран Заев уверено тврдеше дека е дел од корупцијата на владата на Никола Груевски.

2. Најстрого ја осудуваме засилената злоупотреба на судството и полицијата за пристрасен прогон, врбување, заплашување, тероризирање и рекетирање на политичките противници, заштита на своите приврзаници од законот, како и скандалозно ослободување на осудени убијци и други криминалци, при што законите, фактите и доказите се подредени на политичка селекција и калкулација, со нетранспарентни ‘правни’ процеси и дилентантски ‘правни’ толкувања.

3. Најостро ги осудуваме напорите на СДСМ да ја одржи коалицијата преку наметнување на противуставен ‘закон’ за службена двојазичност, односно бинационалност, со кој се доуништуваат уставно-законскиот поредок и мултикултурниот соживот, се рушат АСНОМските достигнувања на државата и се оди подалеку во капитулацијата започната со Охридскиот рамковен договор, во правец на постепено остварување на националшовинистичкиот сон за Голема Албанија. Наметнувањето на ‘законот’ за службена двојазичност нечесно се прикажува како европеизација и исполнување на човекови права, а вистината е дека ја продлабочува ретроградната етничка сегрегација и дискриминација, се коси со меѓународните норми, ги поткопува стремежите кон владеење на правото и претставува тиранија на едно етно-политичко малцинство врз поединецот и врз мнозинството.

4. Со наметнувањето на ‘законот’ за службена двојазичност:

а) Се засилува измамништвото како норма во политичката култура, затоа што ‘законот’ се коси со јавните уверувања на СДСМ од предизборната кампања дека таканаречената “Тиранска платформа” и планираната службена двојазичност на целата територија на Република Македонија се измислица; се коси со уверувањата од пред формирањето на владата дека нема да има двојазичност на банкнотите и униформите затоа што тоа е неуставно; како и со гаранциите кои Зоран Заев ги потпиша пред Претседателот на Република Македонија, како предуслов за добивање мандат да формира влада;

б) се зголемува моќта на ДУИ врз македонските граѓани од албанска етничка припадност, кои државата систематски ги принудува кон екстремизам и поддржување на ДУИ, бидејќи не само што не ги заштитува од рекетирањето, насилствата, заканите, уцените и гангстерската методологија со која ДУИ владее како дива држава во држава, туку не им нуди прилики за социјален и економски напредок како рамноправни граѓани, а наместо тоа гради систем во кој се’ што добиваат или губат зависи од вољата на ДУИ;

в) се осоколуваат албанските националисти кои одбиваат да го користат македонскиот службен јазик и се продлабочува антиалбанското реакционерство меѓу македонските граѓани;

г) се дискриминира против етничките Македонци и другите неалбанци во државните институции, со тоа што казните за некористење на албанскиот јазик се прават далеку поголеми од казните за некористење на македонскиот јазик;

д) се создава системска дискриминација при вработувањето во државната администрација против граѓани кои не го владеат албанскиот јазик;

ѓ) неоправдано се оптеретува и онака катастрофалната економија;

е) се одвлекува внимание од лагодната корупција на некадарните политички и економски елити.

5. Најстрого ги осудуваме ентузијастичките заложби на актуелната власт да ги задоволи репресивните и расистички желби на Република Грција и Република Бугарија за цензурирање на македонскиот домороден идентитет и правото на слободна самоопределба, слободно изразување и слободно одржување на културно-историското наследство на македонскиот народ, преку промена на името на државата, рушење на споменици, преименување на автопат и аеродром, политичко цензурирање на истражувањето и изучувањето на историјата, како и директно негирање, омаловажување и исмејување на етничките и националните определби и чувства на домородните Македонци. Таквата политика е во служба на легитимизирање или прикривање на присилната асимилација, угнетувањето, прогонувањето и геноцидното уништување на Македонците во деловите на Македонија под Република Грција и Република Бугарија, како и легитимизирање на големоалбанските индоктринации дека Република Македонија е албанска земја, а Македонците се вештачка творба од словенски окупатори.

6. Го потврдуваме ставот дека веднаш треба да се прогласи за неважечка репресивната Времена Спогодба со Грција, од 1995г, со која на националистичкиот грчки режим му се дозволува да учествува во редефинирање на идентитетот на Република Македонија и македонската нација, вклучувајќи ограничување на правото на македонските граѓани, според слободна самоопределба да го изразуваат својот етноисториски идентитет. Секоја власт што учествува во легитимизирање и применување на таквата спогодба (невалидно ратификувана во име на Република Македонија од страна на режим што обезбеди специјално парламентарно мнозинство преку флагрантно фалсификувани избори) го поткопува суверенитетот на граѓаните на Република Македонија и му ги погазува на македонскиот народ меѓународно кодифицираните човекови права и слободи.

7. Ги осудуваме сите клучни политички партии во Република Македонија за поткопување на борбата за исполнување на меѓународно-кодифицираните човекови права и слободи на домородните Македонци под власт на соседните држави, каде што продолжуваат репресивните политики за задушување на македонскиот народен идентитет и неговите особености.

8. Актуелниот режим во Република Македонија води кон забрзано уништување на државата и дополнително угнетување на македонскиот народ, според етношовинистички и странски непријателски политики. Цениме дека сите клучни политички партии и моќници во Република Македонија се заслужни за актуелната состојба, бидејќи од осамостојувањето до денес беспрекорно ги ставаат своите тесни интереси пред општите интереси на македонските граѓани. Притоа, ја маргинализираат македонската дијаспора и го поткопуваат и негираат правото на Македонците надвор од Република Македонија да го одржуваат интегритетот и стремежот на македонското слободарско движење.

9. Актуелниот владеачки режим во Република Македонија го сметаме за антимакедонски, антидемократски, квислиншко-окупаторски и криминален, заради што поддржуваме секаков отпор против неговото владеење, односно за негова смена, преку граѓанска непослушност, протести, тужби, политички санкции и други политички методи.

10. Ќе ја поддржиме секоја граѓанска и надпартиска иницијатива за враќање на домородниот карактер на државата, според Илинденските и АСНОМски идејни стремежи, но со обемно реформиран политички и правен систем, за да се стави крај на корупцијата како норма, да завладее еднаквост пред законот, заштита на човековите права и слободи и еднакви прилики, социјална правда и економски просперитет, засновани на вреднување на трудот, плодотворноста и човечката етика, за сите граѓани, независно од етнитет, религија, пол, идеолошка или партиска определба.

11. Ја осудуваме заткулисната политика на емисарите на Соединетите американски држави, Германија и Европската Унија, со која поддржуваат криминално, репресивно и деструктивно владење со Република Македонија. Сметаме дека сите македонски организации во дијаспората треба да се мобилизираат во информирање на светската јавност за таквата политика, која лицемерно се води во име на демократијата, слободата, човековите права и владеење на правото, а дијаметрално се коси со тие определби и притоа го антагонизира народот кон анти-САД и анти-ЕУ определба.

12. Уставот на Република Макединија и Охридскиот Рамковен Договор треба да бидат предмет на темелна и транспарентна ревизија, со пошироко учество на мирољубивите и чесни граѓани од сите етнитети и религии, која ќе обезбеди вистинска поделба помеѓу законодавната, судската и извршната власт; надпартиско и компетентно судство и полиција; поголемa одговорност на политичарите пред граѓаните и пред судските власти; ефективен систем за борба против корупцијата и етничката, верска и полова дискриминација; децентрализација на партиско-политичката моќ и задоволување на специфичните локални потреби на граѓаните; како и директно решавање на посебните социо-економски проблеми на етничките малцинства, а особено запоставената инфраструктура, загрозената животна средина и непостоечката законска заштита од рекетарство, насилства и мафијашко владеење во деловите од државата со повисока концентрација на албанско население.

13. Спогодбата со Грција треба да се замени со нова понуда на добрососедски договор, за безбедносна, одбранбена, културна, економска и социјална соработка, врз основа на почитување на државните граници, државниот суверенитет и човековите права кодифицирани со Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации, Меѓународната конвенција за граѓански и политички права и Меѓународната конвенција за социјални, економски и културни права.

14. Здружението на македонски заедници во Австралија нема да дозволи да биде вовлечено во партиско-политички агенди и ја потврдува својата позиција како тело кое непристрасно ги застапува заедничките заложби на своите членки и на македонската заедница во Австралија.

Во едногласното усвојување на декларацијата учествуваа: Ѓорѓи Влахов, Васко Настевски (делегати на Австралиско-Македонскиот Комитет за Човекови Права); Мајкл Радин, Џени Трампева-Радин (Македонска Заедница од Аделајд и Јужна Австралија); Роберт Деспотоски, Димитар Тодоровски (Македонска Православна Заедница од Австралија/Сиднеј); Мирчо Ангеловски (Македонска Православна Заедница од Мелбурн и Викторија); Владо Трпчески (Австралиско-Македонска Православна Црква ‘Успение на Пресвета Богородица’, Сиднам); Љупчо Стефановски (Македонска Православна Заедница од Волонгонг); Ристо Веловски (Македонска Православна Заедница од Нјукастел); Пецо Наумовски, Петар Коминовски, Петар Дончевски (МКУД Илинден, Рокдејл); Тони Стефановски (Фудбалски Клуб ‘Бенкстаон Сити Лајонс’); Виктор Бивел (Издавач и активист за правата на Македонците од Егејскиот дел на Македонија).