МТСП: Ќе се реши проблемот со 3.000 неевидентирани лица во Матичната книга на родени

22 март, 2018 | 16:27 часот | 577 прикажувања |

Проблемот со лицата неевидентирани во Матичната книга на родени е нотиран уште во 2011 година, а се уште не е соодветно третиран. Токму затоа, Владата донесе одлука за негово системско решавање, кое ќе се одвива во неколку фази, информираат од Министерството за труд и социјална политика.

„Во петок Управата за водење на Матични книги ќе го отвори Огласот за пријавување на лица кои не се евидентирани во Матичната книга на родени, и тој ќе се однесува за сите лица кои се на територија на Република Македонија. Пријавувањето ќе трае 6 месеци. Во текот на овој период паралелно ќе се направат измени во Законите за вонпарнична постапка, Законот за матична евиденција и Законот за лични карти, живеалиште и престојувалиште“, велат од МТСП.

Во меѓувреме ќе се подготват и обучат матичните служби, центрите за социјална работа и граѓанските организации кои го поддржуваат овој процеси, со цел да им се обезбеди навремена услуга на засегнатите граѓани.

Со овој процес се очекува да бидат опфатени околу 3.000 лица. По завршување на сите фази ќе се утврди точната бројка на лица неевидентирани во матична книга на родени. Тие ќе добијат привремен регистарски број со кој ќе добијат одредени права во делот на здравствена и социјална заштита и образование.