ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ е спремна да тргува со македонското културно наследство

22 март, 2018 | 15:53 часот | 482 прикажувања |

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ го обвини СДСМ дека и минатото и сега покажува дека не само што не се грижи за македонското културно наследство, традиција и историја, туку и дека е спремна со истите да тргува.

„Формирањето на работна група за проценка за потребата од постоење на Музејот на македонската борба за државност и самостојност, Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим е погазување на илјадниците херои, кои без размислување ги дадоа своите животи за слободна и независна држава“, пишува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ на денешното соопштение од Министерството за култура.

Во работната група, додаваат од партијата, согласно нивните стручни компетенции, нема ниеден член кој е посебно стручен за проценка на историски музеј, кој третира содржина од 19 и 20 век.

ВМРО-ДПМНЕ прашува според кој закон, правилник или други општи акти поврзани со дејноста од културата и заштита на културното наследство е формирана Работна група за преиспитување на општествената и стручна оправданост за постоењето на овој музеј.

„Доколку СДСМ не ја гледа причината за постоење, ние ќе им појасниме: Музејот на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим е институција која го отсликува периодот на македонско национално будење, формирањето на македонската револуционерна организација, меѓувоениот период, антифашистичкото движење и периодот на прогон на Македонците со јасно изразена македонска мисла, во периодот по Втората Светска Војна. Овој музеј е споменик за сеќавање на илјадниците млади и прерано згаснати животи, кои своето дело го положиле на олтарот на татковината.

Музејот е потсетување на ѕверствата и тортурата кои биле вршени врз македонските интелектуалци и родољуби после Втората Светска Војна. Кои се одраз на едно недемократско уредување, кога секој со јасна македонска мисла беше цел на тортура од системот.

Музејот служи за запознавање, едукација и образување на идните генерации, за историјата на државата и мачниот пат до независноста“, се вели во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека музејот и неговата содржина се нераскинлив дел од македонската национална меморија и порачува дека „сѐ што ќе биде урнато, срушено или уништено од оваа власт, по враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт повторно ќе биде обновено“.