Време ести за Македонска пролет

21 март, 2018 | 19:20 часот | 2.247 прикажувања |

Некои работи се дојдени дотука. До над колена, до преку носот и до преку глава. Колку повеќе го слушаме првиот владин мегафон дека имаме едно општество за сите, толку повеќе паралелни општества ни се случуваат и западно и северно и источно и јужно. Колку повеќе слушаме дека сме унитарни и дека сме биле поинтегративни, толку повеќе се делиме на поделени и на интегративци. Колку повеќе му веруваме на тоа дека зборот е збор, толку повеќе лаги и лажни патриотизми и европеизми ни се пласираат. Колку повеќе слушаме лажни солзи за нашата мила Македонија, толку повеќе Македонија станува земја на солзи. И, колку човек да сака да верува дека еден режим е заменет со божемна демократија, секојдневно се повеќе ја слушаме и гледаме диктатурата на дело.

Ни ги изместија вредностите и поимањата и за патриотизмот и за тероризмот; ни ги заменија шарените револуции со шарени лаги, а невладините организации со владини агенции. Ни ги рушат пред очи македонските паметници, а ни засадуваат дрва и камења и туѓи херои. Ни одземаат од македонските песни за да ги платат песните за косовските херои. Ни ја бришат историјата и историските читанки, за да можеме, демек, добрососедски да живееме. Ни ги бришат од пред очи и Александар од аеродромите и Александар од автопатите во замена за божемно пријателство.

Ни кажуваат дека јужните не се катиљи и дека западните не се терористи – ги ослободуваат монструмите, за да им ја одземат слободата на слободоумните и на патриотите, на уставобранителите. Ни го газат деловникот, законите и Уставот и од на скали ни востоличуваат спикери, владини премиери и заменици и министри со ресори и без ресори. Ни именуваат без оглас „дваесет и кусур“ директори сите немакедонци раководители на државни македонски институции. Ни пеат химни ненаши, туѓи химни и туѓи платформи ни поставуваат, ни ја колчат Македонија по нивно и илиридно северозападно до Охрид, Битола и понајужно.

Ни кажуваат дека Законот за јазиците е придобивка на демократијата и мавтаат со европско знаменце, а знамето со орлето го прчат и со него се перчат во секој владин кабинет и во кабинетот на македонското собрание. Со неподнослива леснотија распродаваат најмакедонско и сѐмакедонско како да ништо не им значи. Без срам и перде пред своите татковци и пред своите деца ни го наметнуваат тираноплатформскиот надрамковен и неуставен закон и јазик на цела македонска територија. Без срам и перде се обидуваат да се откажат од милениумското ни и уставно име на Република Македонија, барајќи причина во лажната европска и евроатланска унија. Ни велат дека сме немале алтернатива и дека дотука била работава – сме морале да дадеме сѐ што бараат, да сме се откажеле од јазикот, од историјата и од името само за еден привремен евросојуз со нашите балкански и проверени евровавилонски душмани.

Ден по ден, со месеци веќе не знаеме од каде побргу да се браниме! Не знаеме што побргу да браниме, зашто тие донесените се настрвени на сѐ што е вредно и скапоцено македонско. Нам ни бранат истите тие за да бидеме како нив, како тие што беа. Ние не смееме дури ни да протестираме. Тие палеа канцеларии и фотографии на претседателот на Републиката, а строго се против и забрануваат палење на нивни фотографии. Со тапани, тенџериња и свирала правеа „ука-бука“ пред приватни станови, пред деца и пред изнемоштени, а денес се закануваат и фрчат со кривични пријави за мирните протести пред домовите на пратениците. Каква ли хипокризија, какво ли лицемерие, какво ли фарисејство македонско и антимакедонско од овие денес донесени од некаде, од на Кале донесени туѓи вазали и туѓи маши кои наумиле да ја распродадат и да ја уништат Македонија до пепел, до прашинка.

А зарем толку се моќни, ако народ имаме?! А зарем толку ќе се моќни ако мажи покажеме и ако покажеме дека никој нас веќе не може да нѐ тргне ниту да нѐ оттргне за да си ја одбраниме Татковината со сите нејзини белези! No pasarán! Време е да започне пролетта, уште денес, на 21 март, со почетокот на пролетта. Време ести за македонска пролет во која ќе си го побараме своето назад. Она што по грешка им го дадовме ним на изборите, мораме час поскоро да си го земеме назад. Колку порано, толку поарно! За подоцна да не биде предоцна!

Пролетта македонска мора да започне со сите македонски нишани. Тие насила и на измама ни го зедоа нашето. Тие насила и на измама ни ја зедоа и државата. Тоа наше татковинско богатство не смееме да им го оставиме во нивните канџи. Тие не заслужуваат ни трошка наш глас и затоа треба најгласно да им кажеме дека тие што од на улица ни седнаа во фотељите, час поскоро ќе треба да си заминат на улица, сосе мебелот и фотељите.

Тие го изневерија нашето доверие. Ни ветуваа живот и демократски привилегии; ни ветуваа високи плати и пензии; работа и инвестиџии, а нѐ задолжија со кредити и концесии. Ни ветуваа унитарност, а ни воведуваат двојазичност и федерализација. Ни ветуваа реформи, а ни донесоа платформи! А ние си молчиме и уште молчиме. Си го чуваме кубурот за црни дни, за кога ќе било потешко. За мај, за јуни или за подоцна!?

Не, господа македонски опозиционери! Не, браќа и сестри Македонци и собраќа кои живеете и сакате да живеете под еден македонски бајрак и под едно македонско име со еден македонски службен јазик во Македонија! Веќе денес ѝ е тешко на Татковината! Веќе денес Татковината бара да ја вратиме нејзината насмевка на лична македонска земја, на лична Македонка, на ретка балканска бисер-убавица! Време ести да започне нашата македонска пролет за да раззеленат и да расцутат македонските убавини одново, за одново да нѐ биде свои на своето. Македонија на Македонците и на македонските собраќа лојални на Македонија. Нека денес започне пролетта по природните текови и заедно со неа и Македонската пролет за да нѐ има како Македонци.

 

 

 


Пишува: проф. Димче Донески

Авторот е претседател на здружението „Родољуби Свети Илија“