АНАЛИЗА: Кои ќе бидат приоритетите на Путин во Русија и во односите со светот?

21 март, 2018 | 14:27 часот | 1.199 прикажувања |

Владимир Владимирович Путин го освои својот четврт претседателски мандат на седмите претседателски избори во Руската Федерација, освојувајќи убедливо мнозинство – 76 проценти од гласовите, при излезност на гласачите од 67 %. Со тоа Путин, го зацементира своето влијание и позиција на чело на руската држава во наредните шест години, односно до 2024 година. Според годините поминати на власт, тој веќе го надмина поранешниот советски лидер Леонид Брежњев, кој на чело на СССР беше 18 години.

На три дена од завршувањето на претседателските избори во Руската Федерација анализираме што значи историски убедливата победа на Путин за Русија и Русите, но и за нејзините надворешнополитички приоритети.

За Македонија 365 анализираше Дарко Тодоровски, студент на магистерски студии при Претседателската академија во Москва.

Македонија 365: На кои фактори најмногу се должи историски убедливата победа на Путин на последните претседателски избори?

– Привет од Москва за тимот на Македонија 365. Најпрвин, сакам да Ви се заблагодарам за поканата за оваа анализа. Русите и Русија гласаа за стабилност. Во врска со убедливата победа на Путин има неколку фактори. Првиот и најважниот е тоа што Путин реално нема противкандидати од неговиот ранг, во Русија опозицијата е поделена на неколку табори, почнувајќи од официјалната опозиција, па завршувајќи со неофицијалната. Второ, значаен фактор е и менталитетот на Русите, како и нивната историја. Тие секогаш се асоцирале со силен лидер и низ историјата Русија во најголемиот дел од својата историја била водена од силни лидери.

Трет и многу значаен фактор е тоа што практично Западот со своите акции и мерки против Русија доведе до историската победа на Путин. Како што спомнав, Русите секогаш се асоцирале со својот лидер и сите санкции, црната и валканата кампања на Западот против Путин, придонесе до тоа Русите да се чувствуваат навредени и понижени и затоа решија да застанат цврсто зад својот претседател. Тука ќе се обидам да го цитирам големиот руски писател Солженицин кој што има изјавено „Јас мислев дека САД се бореа само против СССР и против комунизмот. Но гледам дека тие се борат и против Русија, и дека на нив им смета постоењето на Русија како самостојна држава“.

Македонија 365: Западните медиуми овие избори ги окарактеризираа како уште една фарса во која останатите кандидати глумеле статисти, а исходот бил однапред познат. Има ли Путин вистинска опозиција во Русија и дали останатите кандидати имаат драстично помала можност за медиумска презентација и влијание?

– За едно се во право западните медиуми, победата на Путин не беше доведена во прашање во ниту еден момент. Целата битка беше околу тоа да се обезбеди што поголема излезност на изборите за да му се покаже на Западот сплотеноста на Русите. Па не би рекол дека останатите кандидати беа само статисти: и Грудинин, и Собчак, и Јавлински водеа отворена кампања против Путин и блиските луѓе околу него, како и против владата предводена од Медведев.

Грудинин јавно изјави дека доколку биде избран за претседател ќе спроведе огромни истраги за корупција на голем дел од министрите во владата и против самиот Медведев, како и против лица блиски до Путин, дека профитот од нафтата и гасот ќе го подели со целиот народ.

Собчак јавно настапи дека доколку стане претседател на Русија ќе ѝ го врати Крим на Украина, ќе ја прекине подршката за Донецк и Луганск на истокот на Украина, ќе се повлече од Сирија и дека ќе ги нормализира односите со САД и Западот на штета на Русија и дека ќе ја внесе Русија во НАТО и во ЕУ.

Јавлински исто изјави дека доколку победи на изборите ќе го врати Крим и Донецк и Луганск на Украина, ќе спроведе либерализација на економијата, ќе се повлече од Сирија и ќе поведе борба против корупцијата. А инаку што се однесува до Невални, неговата политичка кариера после овие избори е завршена. Поради проблеми со законот на него не му беше дозволено учество на изборите, и тој повика на бојкот на изборите, но големата излезеност на изборите покажаа дека тој не ужива никаква доверба помеѓу Русите.

Но дури и да му беше дозволено да учествува на изборите, тој немаше да освои повеќе од 5%, тоа се прогнози и на многу западни експерти. На митинзите кои што тој ги закажа низ цела Русија на 28-ми јануари, на територијата на цела Русија излегоа само околу 100.000 луѓе, што доволно зборува за тоа кој фактор е Невални во Русија.

Македонија 365: Што треба да донесе четвртиот мандат на Путин? Дали Русија ќе ја продолжи досегашната политика на директна конфронтација со Западот околу сферите на влијание, особено во Источна Европа, Блискиот Исток и Азија?

– Четвртиот мандат на Путин треба да донесе поголема посветеност на внатрешниот развој на Русија, замена на увозот, спроведување на болни и структурни реформи кои што Путин намерно не ги спроведе пред изборите, пред сè зголемување на старосната граница за одење во пензија, намалување на државниот удел во економијата, кој што сега изнесува 70%, подршка на малиот и средниот бизнис.

Русија ќе ја продолжи политиката на преориентирање кон Азија, тоа Путин го најави и во својата предизборна кампања, дека 21 век е век на Азија и Русија мора на време да ги насочи своите едра во тој правец и да профитира од тоа. Мое мислење е дека во еден момент Русија и САД ќе мораат да седнат на заедничка маса и да се договорат околу Украина и Сирија. И Русија и САД ќе мораат да направат отстапки во интерес на доброто на човештвото. На долги патеки главен ривал во светот на САД ќе биде Кина.

Македонија 365: Кој е рускиот одговор на западните санкции? Има ли Русија можност да се развива и под блокада од Западот?

– Одговорот на Русија е програмата на Замена на увозот која што добива голема државна помош и подршка, како и програмата Made in Russia. Програмата за замена на увозот веќе дава резултат, иако не како што беше очекувано, но веќе околу 200 производи кои што порано не се произведувале во Русија денес се произведуваат. А преку програмата Made in Russia многу западни компании отворија свои производствени капацитети и филијали во Русија со цел да ги избегнат санкциите против Русија и го продолжија своето работење на профитабилниот за нив руски пазар.

Инаку, Русија како резултат на западните санкции и отказот на многу заеднички проекти со Западот се преориентира на Кина, Јужна Кореја и Јапонија. Голем дел од нафтените и гасни мега проекти, Русија сега ги реализира заедно со кинески компании, исто голем број на јужнокорејски компании го пополнија местото на дел од западните компании на рускиот пазар. Индија исто така сака да се вклучи во големите руски енергетски проекти. А и покрај санкциите од Западот, Германија, Италија, Франција и Холандија заедно го туркаат проектот Северен Поток 2. Во 2017 година, трговската размена помеѓу Русија и ЕУ порасна за околу 30%, но уште е далеку од пред почетокот на санкциите, иако динамиката на пораст е одлична.

Македонија 365: Каков се очекува да биде односот и воопшто стратегијата на Путинова Русија кон балканските земји аспиранти за членство во НАТО и ЕУ, во кои спаѓа и Македонија?

– За односот на Русија кон НАТО и неговото проширување има 2 фази, до 2014 година и после 2014 година, односно кризата на Украина. После 2014 година Русија донесе нова надворешна стратегија, која што Путин ја потпиша во 2016 година, а тоа е спротивставување на секое проширување на НАТО, бидејќи Русија НАТО го смета како реална закана за својата безбедност.

Главната стратегија на Русија на Балканот е насочена кон Србија, да не допушти нејзин влез во НАТО, како и во пружањето на подршка за Република Српска. Во однос на Македонија, Русија освен изјави преку своето Министерство за надворешни работи во кое се противи на евентуалниот влез на Македонија и дека тоа ќе доведе до влошување на односите помеѓу Русија и Македонија, не може друго да стори и да го спречи влезот на Македонија во НАТО.

Македонија веќе одамна е во зоната на влијание на САД и на ЕУ, плус од 2008 година Македонија има договор за стратешко партнерство со САД. Македонската економија е целосно интегрирана во економијата на ЕУ, дури 80% од трговската размена се одвива со земјите членки на ЕУ. Реално Русија на Балканот, а со тоа и на Македонија не може да му понуди замена за Европската Унија.

Русија на Балканот нема развиено свои институции, а и економските и трговските релации се на ниско ниво. Но Русија во проширувањето на ЕУ и не гледа некоја закана за својата безбедност и не е против истото, од причина што Русија пред 2014 година на Унијата ѝ предложи проект за економска заедница помеѓу ЕУ и ЕвроАзиската унија. Да се надеваме дека Русија и ЕУ ќе успеат да ги надминат разликите и да ги решат отворените прашања и дека еден ден ќе бидеме сведоци на обединета Европа од Лисабон до Владивосток.

Македонија 365                                                                                                                            П.Д.