Меѓународен ден на лицата со Даунов синдром

21 март, 2018 | 8:33 часот | 549 прикажувања |

Со презентацијата на резултатите од проектот „И јас можам да бидам балерина“ денеска во Кинотека на Македонија во Скопје ќе биде одбележан 21 Март, Светскиот ден на Дауновиот синдром. Организаторите информираат дека во рамки на одбележувањето ќе има и балетски перформанс.

Изминатите неколку години организиравме голем број активности, и ја користевме секоја можност за подигнување на свеста за тоа дека има многу луѓе со Даунов синдром во нашето општество, што се соочуваат со секојдневни предизвици. Тие заслужуваат да живеат живот без дискриминација врз основа на попреченоста“ велат тие.

Проектот „И јас можам да бидам балерина“ е имплементиран со помош на Европската Унија и UNICEF преку регионалниот проект финансиран од страна на Европската Унија, и кофинансиран од UNICEF „Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост во Западен Балкан и Турција“.