МАНУ: Македонскиот јазик треба да ја задржи интегративната функција

20 март, 2018 | 18:49 часот | 616 прикажувања |

Македонскиот јазик треба да ја задржи својата интегративна функција. Употребата на другите јазици треба да се одвива преку културна соработка и преку взаемно дружење и заеднички и културно уметнички проекти, а не со казни и инспекции, порачуваат од МАНУ.

Не може да се гради мултикултурно општество како што тоа го предвидува законот за јазици и не смее да се отстапува од Деловникот, е ставот на претседателството на МАНУ што денеска го соопшти првиот академик Таки Фити – откако претходно беше прозван од дел од присутните академици на денешното собрание, со критика оти долго време научната институција молчи за вакво клучно прашање.

„Наше мислење е дека не може да се гради мултикултурно, мултиетничко општество или да се спроведуваат закони со оние мерки кои меѓу другото во законот беа предложени, како инспекторати и контроли итн. Суштината на подобрување на употребата на одделните видови на заедниците оди на друг начин, преку взаемна културна соработка, взаемно дружење, заеднички културно уметнички и научни проекти“, рече Фити.

Академикот Катица Ќулакова побара од МАНУ да се завземе став околу законот за јазиците на посебна затворена седница. Ќулкавкова вели дека законот за употреба на јазиците го ревидира македонскиот јазик.

„Го ревидира статусот на македонскиот јазик предвиден со Уставот. Предизвикува ситуации во кои што ќе биде загрозено правото и должноста на секој македонски граѓанин без независно од етничкото потекло да го употребува македонскиот јазик, затоа што јазик на било кое малцинство од 20% ќе се наметне како хиерархиски надреден“, рече академик Катица Ќулавкова.

Законот за јазиците беше донесен со погазување на парламентарната процедура при што на опозицијата не ѝ беше дозволено да дискутира по поднесените амандмани за текстот на Законот.