Трамп му ја честиташе изборната победа на Путин

20 март, 2018 | 18:23 часот | 722 прикажувања |

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска му честитал на Владимир Путин за победата на претседателските избори во Русија.

Теми на кои разговарале во телефонскиот разговор Трамп и Путин биле понатамошните контакти помеѓу Русија и САД, вклучително и средба на двајцата лидери, како и за ситуацијата во Сирија, во Украина и на Корејскиот Полуостров.

„Генерално, разговорот беше конструктивен и деловен, со фокус на надминување на проблемите кои се насобрани во руско-американските односи. Двете страни се согласија да ги развиваат билатералните контакти, помеѓу другото и во контекст на смените во американскиот Стејт департмент. Посебно внимание беше посветено на прашањето за евентуален состанок на високо ниво“, наведува прес службата на Кремљ.

Во соопштението се потенцира и значителниот брз напредок во решавањето на кризата во Сирија и во Украина.

Путин и Трамп се согласиле и дека треба да се користат само мирни начини за намалување на тензиите на Корејскиот Полуостров.

„Двете страни изразија задоволство поради намалување на тензиите на Корејскиот Полуостров и ја истакнаа потребата за понатамошни доследни напори со цел рашавање на ситуацијата со мирни, дипломатски средства“, потенцира Кремљ.

Во телефонскиот разговор исто така била истакната потребата за координирање на напорите со цел да се ограничи трката во вооружување и да се обезбеди стратешка стабилност.