Димитров рече дека е доставена македонска нацрт-спогодба до Атина и дека постојат разлики меѓу двете спогодби

20 март, 2018 | 16:36 часот | 1.278 прикажувања |

Претставник на македонското Министерство за надворешни работи денеска во попладневните часови го доставил текстот на македонската нацрт-спогодба за решавање на спорот со името, истакна на денешната прес-конференција министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Тој рече дека на македонскиот нацрт-договор интензивно се работело изминатите денови и потврди дека македонската страна, исто така, го добила грчкиот нацрт-договор.

Истакна дека постојат разлики во македонската и грчката нацрт спогодба.

„Грчката нацрт-спогодба е предмет на анализа во овој период. Секогаш кога комуницираме преку медиуми работата се компликува. Чесно е да кажам дека има разлики и се надеваме дека ако мислиме заеднички на една цел ќе успееме тие разлики да ги надминеме“, рече македонскиот шеф на дипломатијата.

Со ова комуникацијата, што досега се одвиваше претежно низ усен дијалог, Димиров нагласи дека се влегува во фаза на размена на пишани документи.

„Целта е да се најде едно одржливо достоинствено решение за надминување на разликата околу името, да се направи дистинкција меѓу нашата држава Македонија и регионот Македонија во Грција“, рече Димитров.

Шефот на македонската дипломатија истакна дека со нетрпение и со задоволство ја очекува посетата на неговиот колега од Грција, Никос Коѕијас, кој во четврток ќе допатува во земјава.

За в петок, како што посочи Димитров, Коѕијас ќе има и повеќе средби со македонскито државен врв, а на 30 март во Виена двајцата министри ќе имаат средба со медијаторот на ОН Метју Нимиц.