Командант – Komandant

17 март, 2018 | 18:49 часот | 2.335 прикажувања |

„Двојазичен наслов да видиме дали боли“??? Не. Не боли. Но, разочарува. Разочарува фактот што албанскиот јазик се изедначи со македонскиот. Тоа е предвидено во насилно изгласаниот „закон“. Предвидено е на двојазичните табли македонскиот и албанскиот јазик да бидат напишани со ист фонт и големина на букви. Е тоа е изедначување кое повлекува лавина низа други изедначувања. На овој начин, Албанците стануваат уставотворен народ. Што пак повлекува промена на преамбулата на македонскиот Устав. Но, за законот како таков долго време се коментира (не дебатира). Да погледнеме од друг аспект.

Закон сличен на овој, а повикувајќи се на измените на амандман 5 од Уставот на Република Македонија донесени во 2002 година, прво е донесен во 2008 година, а потоа дополнет и проширен во 2011 година од тогашната власт на чело со ВМРО – ДПМНЕ. Главен аргумент на денешнава социјалдемократска власт е токму ова. Изјавуваат „како може ВМРО – ДПМНЕ да не се согласува со новиот ‘закон’ кога токму тие го започнуваат овој процес во 2008-ма година“.

Епа другари, затоа ги сменивме. Затоа протестиравме против претходната власт. Баравме промени, демократија, владеење на правото. Баравме различна власт, а не власт која своите „глупости“ ќе ги оправдува со посочување на криминалите на претходната. Баравме она што ни следува. Не баравме многу. Баравме достоен живот. Живот, кој Вие господо кормилари на Македонија го ветивте. Дојде животот. Со него дојдоа и новите уцени од страна на ДУИ. Со него дојде и новиот „Закон за употреба на јазиците“, кој наместо да донесе сплотување меѓу луѓето, ќе предизвика сегрегација. Ќе ги продлабочи поделбите помеѓу Македонците и Албанците.

Во донесувањето на овој закон беа вклучени 64 егзекутори и 1 командант. Во не така далечната 2001-ва, во воениот конфликт на територијата на Република Македонија, еден од офицерите на АРМ додека давал дежурство во касарна, дезертира. Се свртува против македонскиот народ и вперува пушка во истиот. Некое време подоцна истиот е поставен за министер за одбрана од страна на тогашната влада на чело со ВМРО – ДПМНЕ. Опозицијата се бунтуваше. Протестираше. Дојдоа на власт, го ставија претседател на Собрание. Истиот офицер кој во УЧК се нарекуваше командант Форина / komandant Forinа.

Тој командант од Собранието направи институција во која владее безредие. Институција во која не се почитува ниту деловник, ниту Закон за собрание, а најмалку се почитува Уставот. Од Собранието направи институција со која раководи како сѐ уште да е командант во УЧК. Прави што сака. Па не може команданте да одбиете 30 и нешто илјади амандмани само поради тоа што сте немале трпение да чекате истите да бидат разгледувани. Ова го изјави командант Форина во Топ Тема. Замислете. Не можел тој да се малтретира да дебатира со опозицијата. Тоа Ви е работа, господине команданте. Така предвидува деловникот, Законот за собрание, а богами и Уставот.

Командантот продолжува да се однесува како да е на боиште на Шар Планина. Вика, понижува и навредува. Но сега тоа го прави на новинари и камермани. На професори и аналитичари. Се однесува како да е семоќен уште од моментот кога стапи на фунцкијата претседател на Собранието. Па дури и изјавува дека поради тоа што е на оваа функција може да одговара на прашања и да се однесува како тој сака. Замислете. За него не постојат норми на однесување. Не постои одговорност. Па дури и се заканува дека ако сака може да ја блокира работата на Собранието. Доколку реши може да не стави повеќе ниту една точка на дневен ред за работа на институцијата на чие чело е во моментов.

Нема да може господине Команданте! Така може да се однесувате во сопствениот дом. Во штабот на ДУИ. Така може да се изживувате врз штабските „пацови“ кои бескомпромисно мора да ви се поклонуваат, а не со Собранието и пратениците.

Господо кормилари на Македонија! Господо социјалдемократи, освестете се! Поради ДУИ ќе паднете во повторен мрак од неколку години, па дури и деценија како што паднавте поради Законот за територијална поделба на Македонија. Како што паднавте по менувањето на знамето. За сите минатото е лекција, но за Вас очигледно минатото е само минато и ништо повеќе. Се чини ништо не научивте од сопствените грешки, а богами и од туѓите, ВМРОвските. Со огромна брзина понирате во пропаст. Доколку продолжите вака, во брза иднина нѐ очекуваат предвремени парламентарни избори. Бидете убедени дека ќе ги загубите.

Активирајте ги оние 120+ ПР стратези од влада. Оние бивши борци за слобода, права, демократија. Нека ве подзамијат малку. Нека ве подисперат малку. Рејтингот Ви е во слободен пад. Внимавајте. На ВМРО-ДПМНЕ му се случи „Шарената револуција“, Вам може да ви се случи истата (барем оние што останаа невработени во Влада) со појачување од „Тврдокорните“. Замислете ја бројката од стотина илјади „шарени“ појачана со дополнителни стотина илјади „тврдокорни“ и „патриоти“. Внимавајте. Големи се шансите да поставите рекорд за најкратка влада во историјата на Република Македонија.

 

 

 


Пишува: Филип Бошков

Авторот е дипломиран политиколог