Еколошки здруженија: Балканските реки под закана од хидроенергетски проекти

17 март, 2018 | 17:16 часот | 560 прикажувања |

Балканските реки се ставени под сериозна закана од уништување поради изградба на хидроелектрани финансирани од меѓународните банки. Во цела Југоисточна Европа, меѓународните банки финансираат изградба на вкупно 82 проекти, многу од нив во заштитени зони.

Ова го покажува најновиот извештај изработен од ЦЕЕ Бенквоч мрежата на граѓански организации која ги следи банките кои финансираат „валкани“ проекти во земјите од Централна и Источна Европа. Извештајот покажува дека од 2005 година наваму Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската инвестициона банка (ЕИБ) и Групацијата на Светската банка имаат одобрено заеми и гаранции во износ од 727 милиони евра за вкупно 82 хидроенергетски проекти од кои дури 37 се во заштитени подрачја како национални паркови, Натура 2000 зони или подрачја со висок степен на биодиверзитет.

Најголем финансиер на хидроенергетски проекти на Балканот е Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Банката има финансирано вкупно 61 хидроенергетски проекти со 126 милиони евра, од кои 29 се во заштитени подрачја.

„Финансиерите треба да го преземат својот дел од одговорноста и да обезбедат усогласеност со локалните и меѓународните стандарди. Неприфатливите инвестициски одлуки можат да значат трајно и неповратно уништување на стотици недопрени Балкански реки“, вели Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест.

Проектот во Тресонче кој се наоѓа во Националниот Парк Маврово, е главна причина за уништувањето на водните видови во реката Тресонечка, случај што треба да послужи како сериозно предупредување за Македонската Влада како и за инвеститорите и промотерите на хидроелектраните за можните катастрофални последици кои би следеле доколку се остварат плановите за сите 15 хидроелекрани во НП Маврово.

Во декември 2017 во Стразбур, постојаниот Комитет на Бернската Конвенција за заштита на дивиот растителен и животински свет и природни живеалишта во Европа при Советот на Европа на 37миот состанок побара Владата на РМ итно да ја суспендира изградбата на малите хидроцентрали во НП Маврово.

„Уште во 2015 година побаравме суспендирање на сите хидроенергетски проекти во НП Марово. Во октомври 2017 уште еднаш ја потсетивме Владата на Р.Македонија за обврската за суспендирање на четирите хидроелектрани- на река Жировничка, Јадовска и Рибничка- чии договори за концесија се прекршени и истите треба да бидат суспендирани. И покрај сѐ Владата сеуште не ја суспендираше изградбата на овие хидроелектрани ниту ги има раскинато договорите за истите“, изјави Александра Бујароска, еколошки правник во ФРОНТ 21/42

Како дел од заедничката кампања „Спаси го синото срце на Европа“ во која се вклучени повеќе организации од Југоисточна Европа, а со цел подигнување на свеста и информирање на јавноста за она што би значела трајната загуба на овие реки „Патагонија“ сними краток документарен филм и повика на потпишување петиција за спречување на овие штетни хидроенергетски проекти.