Новата ера на Путин – силен претседател за силна Русија

17 март, 2018 | 11:02 часот | 978 прикажувања |

Движејќи се по улиците на Москва деновиве во воздухот се чувствува доаѓањето на пролетта. Но иако 18 март на денот на враќањето на Крим во Русија ќе се одржат претседателски избори во Москва не се чувствува политички набој и енергија во воздухот, што е својствено за Балканот. Освен штандовите на различните кандидати за претседател на кои што се раздава рекламен материјал, како и билбордите на различни локации во Москва, претседателската кампања и трка се сведува на се поголемата моќ на интернетот како и на платената политичка програма и дебатите на телевизиите.

Но и покрај сето тоа убедливата победа на Владимир Путин уште во првиот круг е загарантирана и се очекува Путин да освои повеќе од 70% од гласовите. Од разговорите со голем број на Руси, почнувајќи од студенти па се до пензионери, сите тие иако не се политички активни и заинтересирани, велат дека својот глас ќе го дадат за Путин и покрај тоа што во Русија има голем број на внатрешни проблеми, но ќе гласаат за Путин бидејќи тој е гарантот за стабилноста и развојот на Русија. Никој во тоа ни во Русија ни во светот не се сомнева, но сите се во очекување дали Путин ќе го остави Медведев и неговата влада, или ќе предложи нов премиер со нова влада, и дали ќе дојде до промена на економската политика и стратегија на Русија. Во Русија и од страна на државната изборна комисија и од страната на сите кандидати се води кампања за потикнување на народот за што поголема излезност на изборите за да се покаже сплотеноста на Русија во моментите на новата „студена војна“ со западот.

Путин на овие избори реши да се кандидира самостојно, како кандидат од народот, без подршка од Единствена Русија. Изборната девиза на Путин е „Силен претседател за силна Русија“. Зад него застанаа голем број на познати руски спортисти, актери, познати јавни личности, млади луѓе, доктори, професори и обични работници. Тој се одлучи на тој чекор да се кандидира самостојно бидејќи кај голем дел од населението во Русија има негативно мислење кон Единствена Русија, проследени со корупциски скандали и непотизам, и поради тоа Путин и неговиот тим решија да се дистанцираат од Единствена Русија.

Путин уште во 2017 година започна со огромна кампања на чистка на гувернерите, градочалниците, раководителите на разни региони, голем дел на генерали од различните безбедносни органи, па се до пониските ешалони. Во Дагестан најголемиот дел од министрите и раководните лица беа обвинети за корупција после обилната истрага и голем дел од нив се наоѓаат во притвор, а на 8 години затвор беше осуден и поранешниот министер за економски развој Улукаев поради земање на мито од 2 милиона долари. Минатата година во Русија беа покренати околу 30 000 обвинителни акти против државни службеници од различни нивоа за корупција. Но корупцијата во Русија е сериозен проблем за кој што отворено се зборува на сите медиуми, и Путин многупати јавно има изјавено дека е потребна долга и систематска борба против корупцијата.

Путин по обичај ги избегнува телевизските дебати, и за него и неговиот тим е важна директната комуникација со граѓаните на Русија. Затоа Путин секој ден е во различен град и регион на Русија на средби со своите подржувачи. Путин досега ниту еднаш во неговата политичка кариера не учествувал на ТВ дебата, но затоа Путин се чувствува уверено и доминантно на интервјујата со сите водечки западни и руски новинари, одговарајќи и на самите незгодни прашања.

Инаку ТВ дебатите во Русија за овие избори се исполнети со скандали, во центарот на вниманието беше судирот и размената на навреди помеѓу контроверзниот Жириновски и скандалозната Собчак, како и напуштањето на ТВ дебатата на кандидатот на Комунистите, Грудинин поради прашањата за неговите банкарски сметки во Швајцарија. Во предвечерието на изборите на американскиот ТВ канал NBC беше објавено големо интервју со Владимир Путин. На домашната јавност и беше прикажан новиот документарен филм на Андреј Кондрашев под наслов „Путин“.

Путин својата предизборна кампања ја започна со објавувањето на својата програма во Москва, но не во Кремљ, а на Манежнаја. Говорот на Путин од Манежнаја во која што приоритет тој му даде на новото моќно оружје и ракети на Русија, а помал дел од настапот издвои за внатрешната состојба и економска политика во иднина, беше со цел да се упати отворена порака до Трамп и до САД дека е време за преговори, дека и Русија и САД отидоа предалеку во разгорувањето на конфликтот помеѓу нив, и дека односите помеѓу Русија и САД треба да се рестартираат и да започне нормализација и потоплување на односите, пред да биде предоцна. На Запад тој говор беше оценет како „Минхен 2“, сличен на говорот кој што Путин го одржа во Минхен во 2007 година кој што предизвика тектонски промени во светот.

Исто така тој од Манежнаја упати послание до Федералното Собрание на Руската Федерација. Послание кое после победата на Путин ќе стапи во сила, познато како „Мајски Укази“. Инаку „мајските укази“ на Путин од 2012 година се исполнети според некои показатели од само 47%, а според некои и до 60%. За неисполнувањето на указите вина има владата предводена од Медведев, која што многупати беше критикувана и од самиот Путин, како и санкциите и контра санкциите со Западот, девалвацијата на рубљата, падот на цената на нафтата на светската берза и сето тоа доведе до пад на руската економија од околу 50% и на животниот стандард на граѓаните. Поради сето тоа, а и серијата гафови во изјавите за медиумите на Медведев и на уште неколку министри, експертите овде во Москва очекуваат Путин да предложи нова влада.

Факт е дека и Медведев и најголемиот дел од министрите, со исклучок на министерот за одбрана Шојгу, министерот за економски развој Орешкин кој важи за реформатор, министерката за образование Олга Василева, и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров сите останати значајни министри во голема мера се истрошени, и Русија има потреба од нова и свежа крв, нови министри со нови идеа кои што ќе треба да ги исполнат мајските укази на Путин. Најверојатно Медведев и понатаму ќе биде премиер, но најголемиот дел од министрите како и пониските ешалони ќе биде сменет. Се очекува во владата да влезат Кудрин и Греф кои важат за либерали, и кои треба да спроведат болни реформи. Исто во владата се очекува да влезат нови луѓе на Путин, пред се од безбедносните структури, и останува да видиме како Путин ќе направи спој помеѓу воените јастреби и либералите.

За новиот мандат на Путин од неколку различни тимови на експерти беше изработена различна економска стратегија која што треба да доведе до радикални структурни реформи и раст на руската економија од околу 4% годишно за да може да се исполнат „Мајските укази“ на Путин, во која главен приоритет ќе биде човечкиот капитал и таргет ќе биде инфлацијата, за подршка и развој на малиот бизнис, за понатамошна подршка за развој на земјоделието, обемна државна подршка на сите нивоа за зголемување на извозот кој што не е поврзан со нафтата и гасот, поголем процент од БДП за развој на науката и за дигитализација на економијата, за внедрување на Индустријата 4.0 во Русија, за образованието, медицината, зголемување на животниот стандард и на животниот век на Русите до 80 години во 2024 година, продолжување и раширување на обемната државна програма за замена на увозот како резултат на санкциите од Западот, намалување на буџетскиот дефицит и запазување на буџетското правило, на непотребните трошоци, намалување на средствата кои што се одвојуваат за одбраната и другите безбедносни структури.

Има најави дека од 2019 година ќе биде продолжена старосната граница за одење во пензија, која што денес изнесува 55 години за жени, и 60 години за мажите, на 65 години за двата пола, но сето тоа да оди во етапи со постепено зголемување на старосната граница. Огромните додатни финансиски средства кои што ќе се ослободат од оваа мерка и маневар се очекува да бидат искористени за финансирање на огромните капитални и инфраструкторни проекти кои треба да го стимулираат економскиот раст на Русија како и за вложување во човечкиот капитал, образованието и науката.

Во Русија во тек е процесот на обелување на економијата, обемот на сивата економија во Русија изнесува 39% од БДП на Русија, како и програмата за амнестија на капиталот, враќање на руските компании во руската правна јурисдикција, враќање на дел од огромната сума на пари кои што се наоѓаат во офшор зоните (во светот се проценува дека околу 60 трилиони долари се наоѓаат во офшор зоните, од кои што се проценува дека 6 трилиони долари се на руски граѓани).

Во говорот на Манежнаја, Путин изјави дека помеѓу Кина и Русија се развива стратешко партнерство, и дека 21 век е век на Азија, и дека Русија ќе се преорентира на исток, кон Азија. На далечниот исток на Русија во тек се огромни мега проекти, почнувајќи од изградба и реконструкција на патничката и железничката инфраструктура која треба да придонесе за зголемување на превозот на стока и производи преку територијата на Русија од Азија во Европа за 50%, изградба на нови нафтоводи и гасоводи до Кина, Јужна Кореја и Јапонија, истражување и развој на нови нафтени и гасни наоѓалишта на северот на Русија и на Арктикот, развој на потребната инфраструктура на северот на Русија за развој на тој регион, изградба на нов модерен космодром на Амур, изградба на ново бродоградилиште во соработка со Јужна Кореја, изградба на преработувачки комплекси за преработка на нафтата и гасот, на преработувачки комплекси за дрвната индустрија, создавање на заеднички инвестициски фондови со Кина, создавање на заеднички иновативни компании, јапонски инвестиции во различни сектори, владини и државни програми за преселување на далечниот исток, подарок на државно земјиште за економски и земјоделски цели.

На секој во Русија веќе му е јасно дека санкциите против Русија се воведени на долга стаза, и дека е потребна внатрешна консолидација, сплотување и организирање, наоѓање на внатрешна сила и енергија која што треба да доведе до забрзан економски раст и развој на Русија. Русија и Русите, низ целата своја историја, секогаш го давале најдоброто од себе кога се наоѓале прилепени до ѕидот, во наизглед безизлезна ситуација, тие секогаш успеале да излезат како победници од неа.

 

 

 


Пишува: Дарко Тодоровски

Авторот е студент во втора година на магистерски студии при Академијата на Претседателот на Русија