Заев: Ангажирани се 39, не 120 лица за односи со јавноста

25 ноември, 2017 | 18:36 часот | 259 прикажувања |

Премиерот Зоран Заев денеска ги отфрли како неточни информациите дека Владата досега има ангажирано 120 лица за односи со јавноста, како што објави Макфакс во нивната истражувачка сторија. Според Заев, се работи за вкупно 39 луѓе кои асистираат буквално заради транспарентноста на работењето на Владата, но и од нив, како што рече, ќе останат многу помалку.

„Водиме сметка за домаќинско работење, гледаме со минимум ресурси да го испорачаме пред граѓаните се она што треба. Никојпат нема да зборавиме дека транспарентноста е важна работа. Залудно е се што работиме, ако граѓаните за тоа не знаат. Ако граѓаните и вие медиумите не не контролирате, може секој да забега и на крајот да ни се повторат работите од минатото за кои ниту ние, ниту граѓаните очекуваме да се случат. Отворено, по пат на дебата разговараме за сите работи, подготвени сме секогаш да се корегираме, но верувајте дека тоа се мнинимум ресурси што ни требаат за асистирање, за се што е општествена и владина одговорност пред граѓаните, за да допре до граѓаните“, рече Заев, одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето на првите договори за поддршка на младите земјоделци во Министерството за земјоделство.

Во врска со предупредувањето од Брисел дека треба да се намали или да се внимава на Секторот за односи со јавност, премиерот одговори дека Владата ги почитува сите препораки.

„Ги почитуваме и ќе ги почитуваме сите препораки, апсолутно, стропроцентно, секако објаснувајќи ги сите наши аргументации зошто нешто е неопходно, во дијалог со Европската Унија“, напомена Заев.

извор: Независен.мк