Кривична пријава против Доневски и против сопственикот на „Сејкуриком“

16 март, 2018 | 15:42 часот | 641 прикажувања |

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување и „соизвршителство“ против поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Васе Доневски и против лицето В.Г. во својство на сопственик и управител на Друштвото за обезбедување и услуги „Сејкуриком мулти сервис интернационал“ ДОО Скопје.

Друштвото за обезбедување и услуги „Сејкуриком мулти сервис интернационал“ ДОО Скопје прекршувајќи го Законот за јавни набавки се стекнало со противправна корист во износ од над 660 милиони денари.

Поранешниот директор на СОЗР, кој беше разрешен од новата Влада во јули годинава, вчера беше приведен и според денешната изјава на директорот на Финансиска полиција Арафат Муареми во текот на 2015 година свесно и со однапред утврдена намера ја искористил службената положба и со пречекорување на службените овластувања иницирал постапка за јавна набавка.

Муареми истакна дека сумата со која што пријавените го оштетиле Буџетот целосно ќе се утврди во понатамошната постапка и додаде дека бил извршен претрес на неколку локации и било утврдено дека не е предадена целосната финансиска документација поврзана со овој случај. Одземени се неколку електронски уреди, УСБ и едно патничко возило.