Заев ја нарече „кукавичка“ одлуката на Иванов да не го потпише Указот за Законот за јазици

16 март, 2018 | 15:29 часот | 1.513 прикажувања |

„Законот за употреба на јазиците нема ништо да промени во Македонија ниту ќе ја наруши нејзината заедничка иднина. Апелирам да се пушти законот да живее, да се почитуваат институциите, а Уставниот суд и Венециската комисија да се изјаснат по него“, изјави премиерот Зоран Заев. Според него, одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не го потпише законот е „флагрантно кршење на Уставот, но и кукавичлук“.

„Да го оставиме законот за употребата на јазиците да го види денот. Мене ми е жал што претседателот на државата одлучи буквално да не го почитува Уставот и објави по втор пат дека нема да го потпише законот. Тоа не е добро, тоа е флагрантно кршење на Уставот на Македонија и секако институциите немаат право да дозволат тоа да се случи. Но, истовремено тоа за мене значи кукавичлук, да не се дозволи законот да живее заради тоа што ако се пушти законот да заживее конечно ќе ја реализираме последната правна обврска од Охридскиот договор. И сите ќе видат дека нема да има ниту Тиранска агенда во Македонија, дека Македонија нема да биде држава на Албанците или не знам кои од малцинските заедници во државата“, рече Заев, одговорајќи на новинарски прашања на маргините на Форумот за владеење на правото во ЈИЕ.

Тој додаде дека овој закон не е изгласан скришно и заткулисно како што порано се правело, туку девет месеци беше отворена дебатата.

„Ајде сите да се фокусираме и да му дадеме шанса на ова наше мултиетничко општество каде што сите граѓани ќе бидат еднакви согласно Уставот и ќе ги користат своите права. Со овој закон дадено е едно ускратено прво на граѓаните од помалкубројните заедници“, кажа Заев.

Тој смета дека законот треба да се потпише, да се достави до Уставниот суд и Венециската комисија, но и јасно да се каже дека во Штип, во Гевгелија, во Струмица не мора никој да зборува албански јазик.

„Убаво е граѓаните Албанци да си го користат својот мајчин јазик во општините каде што се повеќе од 20 отсто, Ромите во единствената ромска општина во Европа да го користат својот јазик, Турците во Гостивар, Србите во Куманово итн. Апсолутно незаборавајќи дека официјален службен јазик во Република Македонија е македонскиот јазик и притоа овој закон дополнително го прецизира и начинот и употребата на македонскиот јазик за кое што беше отворена дилема и прашање во државата“, изјави Заев.

На прашање во врска со начинот на кој беше донесен законот за употреба на јазиците, премиерот рече дека претседателот на Собранието на РМ одлучи согласно неговото објаснување што го даде во јавноста да постапи во делот на правото што го има согласно Деловникот да управува со собраниската седница. На крајот, како што рече Заев,постојат институциите кои ќе кажат дали тоа е исправно или не, додавајќи дека дебатата е здрава и треба да биде отворена.

„Впрочем и никој друг не кажува како очекуваат да се одблокира Собранието со 36.000 амандмани, јас верувам дека и тоа не можеше да се случи. Секако не е начинот истовремено да се бајпасираат амандманите. Но она што е важно е да постои дијалог“, додаде тој.

извор: МИА

One comment on “Заев ја нарече „кукавичка“ одлуката на Иванов да не го потпише Указот за Законот за јазици

Comments are closed.