Анѓушев: Македонските компании имаат поддршка за зголемување на нивното присуство и учество на странски пазари

16 март, 2018 | 14:39 часот | 491 прикажувања |

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, на „Самитот на мали земји – нови трендови на бизнисот“, во организација на Стопанската комора на Македонија истакна дека во насока на поинтензивен економски раст, Владата работи на создавање и одржување добри односи со сите земји, за развивање на меѓусебната економска соработка и подобрување на можностите на македонските компании за подигнување на конкурентноста.

„Постојат три можности за овозможување повисоки стапки на раст на домашниот бруто-производ, како што се зголемување на домашната потрошувачка, зголемување на извозот и инвестиции во капитални проекти. Знаеме дека има можности за подобрување на домашната потрошувачка, но тие се лимитирани и токму во таа насока Владата се одлучи растот на БДП да се поттикне преку стимулирање на извозот и со повисоки инвестиции на државата во капитални проекти, како што се изградба на патишта и железница, со особен фокус на Коридорот 8, како и изградба на енергетска инфраструктура“, истакна Анѓушев.

Анѓушев нагласи дека во насока на подобрување на конкурентноста на македонските компании, се донесени мерки за поддршка на стопанството со кои се стимулира технолошкиот развој на компаниите, нови инвестиции и отворање нови работни места за граѓаните. „Планот за економски раст особено внимание посветува на интернационализацијата на македонските компании, односно поддршка за унапредување на нивната конкурентност и зголемување на нивното присуство и учество на странски пазари.“

Тој претстави дел од мерките од планот за економски раст, со кои се поддржуваат развојни проекти на малите и средните компании.