Коѕијас во Македонија следната недела, ќе се сретне со Димитров

16 март, 2018 | 12:00 часот | 703 прикажувања |

Шефот на грчката дипломатија идната недела доаѓа во Скопје. Информацијата која ја објавија грчките медиуми дека Никос Коѕијас на 22 и 23 март ќе дојде во посета на Македонија, неофицијално е потврдена и во Скопје, пренесе Телма.

Во меѓувреме портпаролот на македонската влада вчера ја потврди посетата на Коѕијас идната недела, оценувајќи ја како е чекор напред во придвижување кон конечното решавање на спорот.

Коѕијас доаѓа заедно со нацрт спогодбата. Откако вечерта на 22 март ќе има заедничка вечера со министерот за надворешни работи Никола Димитров, наредниот ден, според најавите од Грција, Коѕијас треба да има средба со претседателот Ѓорге Иванов, со премиерот Зоран Заев, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Но, овие средби засега не се потврдени.

Според неофицијалните информации од грчки извори, само неколку дена по посетата на Скопје, Димитров и Коѕијас, на 27 март треба да имаат нова рунда разговори со посредникот Метју Нимиц, во Виена. Од македонското МНР ниту ја потврдуваат, ниту ја демантираат информацијата.