Хелсиншки бара извинување од „Слободен печат“ за скандалозната насловна

16 март, 2018 | 10:46 часот | 949 прикажувања |

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија најостро ја осудува насловната страница на вчерашното издание на дневниот весник „Слободен печат“, ставена во контекст на општествено – политичките случувања.

„Објавувањето на фотографија на жена учесничка на протест пред Собранието на Република Македонија со наслов „Вмровците ги покажаа забите“ претставува грубо вознемирување на личноста на жената на фотографијата со тенденциозно придавање на карактеристики како што се политичката припадност и социјален статус. Ваквите сензационалистички наслови засновани врз предрасуди претставуваат повод за разгорување на навреди и говор на омраза во јавниот дискурс, опасност за која Хелсиншкиот комитет предупредува во континуитет“ се наведува во соопштението.

Апелираме до уредништвото на весникот „Слободен печат“ да се извини и на јавноста и лично на жената која е злоупотребена и во иднина, особено во време на чувствителни политички случувања, да се воздржи од злоупотреба на ликот на недолжни граѓани кои го остваруваат своето право на протест, порача Хелсиншкиот комитет.