Словенија ќе ја предаде тужбата до Хрватска за спорот со границата

16 март, 2018 | 10:20 часот | 609 прикажувања |

Словенија денеска би требало да го поднесе писмото до Европската комисија со предлог да се поведе тужба против Хрватска поради непочитување на арбитражната одлука за границата.

Со предавањето на ова писмо официјално треба да започне рокот од три месеци во кој Комисијата би требало да се изјасни дали сака да го преземе случајот во врска со овој спор, пренесува „Хина“.

Словенечката влада во средата, на последната редовна седница пред оставката на премиерот Миро Церар, ја прифати содржината на писмото и се обврза на поднесување тужба против Хрватска пред Европскиот суд доколку тоа не го направи Европската комисија и доколку Хрватска и натаму ја одложува примената на арбитражната одлука.

Содржината на писмото, кое, според неофицијални информации, словенечките дипломати денеска треба да го достават до Европската комисија, засега се чува во тајност. Сепак, неофицијално, писмото содржи описи на конкретни примери за кршење на европските закони поради хрватското непризнавање на арбитражната одлука во врска со разграничувањето на двете држави, а во него се содржани и сите елеменити на тужба.

Се тврди дека по добивањето на писмото Европската комисија ќе има три месеци за да одговори и да одлучи дали ќе поведе постапка против Хрватска и ќе го преземе овој случај во свои раце.