Новелата „Двозначен“ од Стиви Дејвис објавена на македонски

16 март, 2018 | 10:09 часот | 656 прикажувања |

Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје, неодамна ја објави новелата „Двозначен“ од велшката писателка Стиви Дејвис, во превод од англиски јазик на Дарко Цветаноски.

Новелата „Двозначен“ е приказна за Себастијан, син на Џек Месинџер: познат патописец, можен шпион и жртва на убиство. Цел живот Себастијан го прогонува исчезнувањето на татко му, чиешто отсутно присуство и двозначно минато продолжуваат да фрлаат несоборливи сенки врз синот кој мора да се бори и со расцепканата меморија на сѐ постарата мајка, како и со постепеното губење на партнерот.

Кој е туѓинецот што го задржува Себастијан на академска конференција на велшкото крајбрежје и притоа открива лаги и престапи што не се ниту надминати, ниту разбрани? Од каде го знае Себастијан, и каква е неговата врска со Џек Месинџер?

„Двозначен“, со приказна што се протега од Египет до Германија, од планините Загрос во Иран до брегот на Полуостровот Гауер, е студија за татковци и синови, љубовници и изневерувачи, загуба и враќање, и е комбинација на мрачно предание, сатира и љубовна приказна, којашто постојано го бара одговорот на прашањето: може ли Себастијан да го пронајде својот спас, и покрај наследството од татка си?

Стиви Дејвис е велшка писателка, книжевен критичар, биограф и историчар. Членка е на Кралското книжевно друштво, на Друштвото на писателите на Велс и директорка на Катедрата за креативно пишување на Велшкиот универзитет во Свонси.

Автор е на голем број прозни книжевно-уметнички дела, како и на биографии. Нејзини најпознати дела се романите „Мрежа на припадноста“ (1997), „Четворица сонувачи и Емили“ (роман, 1997), „Пламена глина“ (роман, 1999), „Елементот на водата“ (2001), „Крв и месо“ (2004) и новелата „Двозначен“ (2016).

Романот „Елементот на водата“ ја доби наградата на Велшкиот совет за уметности (2002) и влегува во поширокиот избор за наградите Букер (2001) и Оринџ (2002). „Крв и месо“, исто така, влегува во поширокиот избор за наградата Оринџ (2004), а романот „Мрежа на припадноста“ е филмуван (2004) во режија на Кристофер Менол.