САД воведоа санкции против 19 руски државјани поради наводна вмешаност во изборите од 2016

15 март, 2018 | 19:14 часот | 664 прикажувања |

САД воведоа санкции против 19 руски државјани поради наводна вмешаност во претседателските избори во САД, а меѓу нив се 13 лица против кои специјалниот советник Роберт Мулер покрена обвинение во рамки на истрагата за вмешаност на Русија во изборите.

Со санкциите се опфатени и пет руски компании, вклучувајќи ја и Агенцијата за интернет-истражувања (ИРА), обвинета дека стои зад обемна кампања за ширење лажни вести на интернет со цел да влијае на резултатите од изборите во 2016 година на кои Доналд Трамп ја победи Хилари Клинтон.

Со санкциите им се замрзнува имотот на поединците и компаниите што го имаат во САД, а на американските државјани им е забрането да соработуваат со нив. Меѓу лицата против кои се воведени санкции има и лица кои се вработени во воената разузнавачка служба ГРУ. Со санкциите е опфатен и Јевгениј Пригожин, познат и како „Цар на троловите“. Американските разузнавачи тврдат дека тој бил на чело на ИРА. Министерството за финансии на САД наведува дека ИРА создала и управувала со голем број налози на непостоечки личности кои се претставувале како американски државјани и дека пласирала илјадници објави кои на интернет ги виделе милиони луѓе.

Со санкциите се опфатени и шест вработени во руската Федерална служба за безбедност поради сајбер-напади чија метацел биле руски новинари, припадници на опозицијата, странски политичари и американски државни функционери.