Наместо за убиство, обвинетиот во случајот Алмир ќе одговара за тешко дело против безбедноста на луѓето

15 март, 2018 | 14:56 часот | 573 прикажувања |

Бобан Илиќ обвинет за смртта на 4-годишниот Алмир Алиу, нема да одговара за „Убиство со умисла“, туку за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, бидејќи на денешното рочиште, обвинителката во завршните зборови направи преквалификација на делото, пренесува Фокус.

Таа истакна дека Илиќ извршил сообраќајна несреќа со што ја загрозил безбедноста на пешаците, возејќи со брзина од скоро 40 километри на час. Според неа, Илиќ не го извршил делото со умисла.

Исто така таа се оправда дека делото е преквалификуван бидејќи на почетокот кога било покренато обвинението, доцнеле доказите од вештачењето.

Од обвинителството вчера појанија дека за трагичниот настан постои снимка, од која само еден дел беше емитуван во јавноста, односно само ударот на автомобилот во малиот Алмир. Според информации од таму, на првиот дел од снимката се гледало како Бобан, неговиот брат и девојка, биле физички нападнати, а бил оштетен и автомобилот. Исто така девојката, пред да биде прегазен Алмир, преку телефон повикала полиција барајќи помош и појаснувајќи зошто се исплашени.

Како доказ се приложени и психијатриско вештачење и техничко сообраќајно вештачење, за кои од обвинителството појаснуваат дека имале проблем да ги обезбедат бидејќи првите наредби на обвинителот биле одбиени и тоа од Психијатриската болница Бардовци и Техничкиот факултет во Битола. На крајот вештачењата ги изготвиле Универзитетската клиника за психијатрија и Бирото за судски вештачења. Сепак, овие вештачења биле изготвени откако веќе бил поднесен обвинителниот акт, што значи дека обвинителката го напишала без да ги има предвид сознанијата од вештачењата.

Според психијатриското вештачење Илиќ бил пресметлив, односно свесен и рационален, но со афект на страв.

Според обвинението, на 25 јуни Бобан Илиќ со мерцедес Ц 200, во кој биле и неговиот брат Бојан и лицето Т.Д., во близина на Здравствениот дом – Куманово, со предниот десен дел од возилото намерно удрил во семејството Алиу. Детето Алмир, со тешки телесни повреди беше префрлено на Детска хирургија во Скопје, но по неколку дена им подлегна на повредите.

До преквалификација на делата на обвинетиот му се закануваше казна од најмалку 10 до доживотен затвор, а со новото дело може да се казни од една до пет години.