Судски рочишта за „Тенк“ и „Тарифа“

15 март, 2018 | 8:56 часот | 595 прикажувања |

Во Кривичниот суд за денеска се закажани рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тенк“ и „Тарифа“.

Во предметот „Тенк” обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра.

Според обвинението, во периодот од февруари до крајот на октомври 2012 година Никола Груевски како службено лице ги искористил влијанието и службената положба и побарал од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, да спроведе јавна набавка во која министерството ќе купи ново блиндирано патничко моторно возило „мерцедес“, модел „С-600 гард“, а во постапката бил фаворизиран економскиот оператор М.А. ДООЕЛ, генерален застапник и дистрибутер на возилата од брендот „Мерцедес“.

За денеска е закажано рочиште и за предметот „Тарифа“, во кој се обвинети поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште други две лица.

Станува збор за обвинение за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.