Џафери го потпиша Законот за јазици и го препрати кај Иванов

14 март, 2018 | 20:32 часот | 1.046 прикажувања |

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, го потпиша законот за употреба на јазиците што беше усвоен денеска во Собранието и го препрати кај претседателот Ѓорге Иванов, којшто треба да го потпише.

Претседателот на Собранието истиот ден по донесувањето законот го доставува до претседателот заради потпишување на указот за прогласување на законот. Согласно со законот, во рок од седум дена од денот кога ќе му биде доставен законот заради потпишување на указот на законот, претседателот го потпишува указот за прогласување на законот или писмено го известува претседателот на Собранието доколку одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот.

За законот гласаа 64 пратеници. На гласањето не му претходеше амандманската расправа која ја бараше опозицијата. Собраниското обезбедување спречи инцидент меѓу пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и собранискиот спикер Талат Џафери.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва изјави дека неговата партија не го признава законот за јазици. Тој најави дека ќе поднесат кривична пријава за кршење на Деловникот против претседателот на Собрание, а кога ќе излезе законот во Службен весник ќе биде обжален пред Уставен суд.