Мицкоски: Законот не го признаваме, Џафери ќе добие кривична за кршење на Уставот и законите

14 март, 2018 | 20:23 часот | 1.890 прикажувања |

ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието, Талат Џафери, поради флагрантно кршење на Уставот и законите, најави вечерва на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, реагирајќи на усвојувањето на Законот за употреба на јазиците во Собранието.

Тој рече дека партијата ќе поднесе и иницијатива до Уставниот суд, кој има обврска да ја заштити уставноста во државата.

„Ако некој мисли дека ова безредие ќе заврши вака, се излажал. Денеска имавме флагрантно кршење на законите. Зоран Заев и мнозинството ја поништија волјата на граѓаните. Тоа е патување кон дното во кое сакаат да нè повлечат и сите нас. Од оваа одлука никој утре нема да живее подобро. Двете партии изгласаа договор кој е неуставен, неприменлив и штетен“, рече Мицкоски.

Според него, Законот е удар врз соживотот, некој нè втурнува во непосакувано сценарио во кое влогот е Македонија.

„Ова е разнишана држава. Власта остана нема на нашите барања да не се донесе овој закон, а ги одби и нашите иницијативи да се разговара за поднесените амандмани на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава поради флагрантно кршење на Уставот. Ќе поднесеме и до Уставен суд, овој закон да не се објави во Службен весник“, вели Мицкоски. Тој тврди дека овие, како што вели, неправди ќе завршат, а тогаш сè ќе биде поинаку.

„Скандалозна е изјавата на пратеникот Џафери дека не го интересираат реформите, туку само Законот за јазици. Колку побрзо и порано сфатат дека сите сме во иста држава, толку ќе биде полесно“, додава Мицкоски.