СДСМ: Груевски стои зад обидот да се блокира работата на Собранието

14 март, 2018 | 17:49 часот | 910 прикажувања |

Случувањата во Собранието потврдија дека токму Никола Груевски стои зад обидите да се блокира работата на Собранието и зад обидите да се блокираат реформските процеси и евро-атлантската перспектива на Македонија, велат од СДСМ во нивното соопштение по повод последните случувања во Собранието околу носењето на Законот за јазици.

„Истовремено, тоа е потврда дека Христијан Мицкоски е само марионета на осомничениот Груевски и дека воопшто не поседува капацитет за да ја реформира ВМРО-ДПМНЕ. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ претходно веќе го прифати Законот за употреба на јазиците, како и тоа што од 35 илјади, речиси 33 илјади амандмани се однесуваат само на казнените одредби, докажуваат дека поднесените амандмани на ВМРО-ДПМНЕ немаат врска со законот туку служат само за блокада на Собранието“, велат од СДСМ

Од таму додаваат дека осомничениот Груевски кој 11 години преку политиките на криминал, насилство, омрази и поделби ја уништувал Македонија, продолжил да работи спротивно на интересите на граѓаните и државата. Со таквото однесување, велат од партијата, Груевски ја води ВМРО-ДПМНЕ кон пропаст.

„Никола Груевски го чека соочување со одговорноста за целокупниот криминал во изминатите 11 години и од тоа не може да избега со провидни обиди за создавање тензии, поделби и конфликти. Македонија тргна напред како едно општество за сите и Никола Груевски не може тоа да го спречи“, се додава во партиското соопштение на владејачката партија.