Џафери го прескокна Законот за употреба на јазиците и даде пауза од еден час

14 март, 2018 | 14:32 часот | 869 прикажувања |

Претседателот на Собранието Талат Џафери даде пауза од еден час на седницата на која што на дневен ред е и точката за Законот за употреба на јазиците. Претходно, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски побара Комисијата за мандатно-имунитетни и деловнички прашања да расправа дали може да се поднесуваат амандмани во оваа фаза.

Џафери го одби неговиот предлог и премина на други точки од дневниот ред, по што ја даде паузата. Димовски, откако заврши со процедуралното обраќање од собраниската говорница, остана кај спикерот, а му се приклучи и новиот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев.

Во собраниската сала беа присутни и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи го и поранешниот премиер Никола Груевски. Опозициската партија поднесе над 35 илјади амандмани во третото читање на Законот за употреба на јазиците.