Македонците во Хрватска се против промена на името

14 март, 2018 | 11:31 часот | 724 прикажувања |

Преку отворено писмо Заедницата на Македонците во Хрватска порача дека е против каква било промена на името на македонската држава и промена на идентитетот на македонската нација.

„Во името на Заедницата на Македонците во Република Хрватска како кровна организација на сите македонски друштва во Република Хрватска, Координацијата на Советите и претставниците на македонското национално малцинство во Република Хрватска и од сите други асоцијации и друштва на македонското малцинство во Република Хрватска праќаме отворено писмо до македонската јавност и политичките институции на Република Македонија дека македонската дијаспора во Република Хрватска е против каква било промена на името на македонската држава и промена на идентитетот на македонската нација“, се вели во писмото до јавноста.

Македонската дијаспора во Република Хрватска цврсто и одлучно порачува дека е со Република Македонија, Македонците и сите нејзини граѓани и ги повикува државните институции на Република Македонија да не отстапат пред политичките притисоци и никако да не се согласат со ниту едно друго име освен уставното име на македонската држава – Република Македонија.