СДСМ: Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го блокираат законот кој претходно го прифатија

14 март, 2018 | 11:10 часот | 783 прикажувања |

Се она што го прават Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ во Собранието нема никаква врска со Зaконот за употребата на јазиците којшто претходно го прифатија. Единствено станува збор за обид за блокадата на Собранието, блокада на реформскиот процес и обид за блокада на европската перспектива на државата, реагираат од СДСМ на денешното соопштение на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Продолжувајќи ги штетните полтики на Никола Груевски, токму Христијан Мицкоски промовира поделби и блокади со што продолжува да работи спротивно на интересите на граѓаните и против концептот едно општество за сите“, велат од СДСМ.

Според партијата, фактот што ВМРО-ДПМНЕ претходно го прифатил Законот за употреба на јазиците, како и фактот што речиси 33 илјади амандмани од поднесените околу 35 илјади се однесувале само на казнените одредби, потврдува дека амандманите немале врска со законот туку служат само за блокада на Собранието.

„Ова е уште една нова епизода на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски од лажниот патриотизам. ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицковски, исто како и Никола Груевски, воопшто не се грижат за потребите на граѓаните“, додаваат од СДСМ.