ВМРО-ДПМНЕ: Власта да се вразуми и да го почитува Деловникот

14 март, 2018 | 9:25 часот | 606 прикажувања |

Непочитувањето на законите ја урива демократијата во Република Македонија. Парламентарното насилство манифестирано со игнорирање и ограничување на правата на пратениците од опозицијата е осакатување на демократијата.

Власта мора да се вразуми и да го почитува Деловникот. Законот за двојазичност треба да се повлече и да се дискутира бидејќи е неуставен, неприменлив и носи сериозен долгорочен ризик по кохезивноста во Македонија. Почитувањето на законите онаму каде што се носат е насушно потребно, за истите да имаат своја тежина. Законите донесени на незаконски начин се преседани кои во иднина може да станат правило.

Непочитувањето на собраниските процедури и евентуалното избегнување на амандманска расправа е на штета на Република Македонија.

Владата на СДСМ само декларативно се грижи за демократијата, а во пракса работи спротивно, по принципот на тоталитарните режими. СДСМ ветуваше правна држава, а сега врши силен удар врз правото, во Собранието на Република Македонија.

Власта својата неспособност да ги реши проблемите на граѓаните, ја покрива со закани, притвори и неосновани обвиненија на невини луѓе. Наместо да ги решава вистинските проблеми на граѓаните, СДСМ се обидува насила да донесе неуставен закон во незаконита процедура. Време е разумот да надвладее и наместо декларативна, да се даде вистинска предност на реформските приоритети.