Канческа-Милевска рече дека не чувствува вина за обвиненијата на СЈО

13 март, 2018 | 14:29 часот | 602 прикажувања |

Поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска на денешното рочиште за предметот „Тендери“ рече дека не чувствува вина за обвиненија што против неа ги поднесе СЈО.

Како невини се изјаснија е двете други обвинети, Јулијана Угриновска и Лидија Лазарова-Цветковска.

„Го разбирам тоа што е напишано, но не можам никаде да најдам каде има злоупотреба во обвинението. Ќе докажам дека се испочитувани сите процедури и дека нема никаква злоупотреба“, рече Канчевска-Милевска.

Посочи дека пред да има обвинение од СЈО, таа на прес-конференција јавно ја презентирал целата документација. Тврди дека и таа и другите две обвинети во „Тендери“ работеле според законските прописи.

Претходно, обвинителот на СЈО, Стевчо Донев рече дека во постапката за јавни набавки треба да има транспарентност и оти дел од вработените во Министерството за култура не работеле по правилникот. Тие, како што додаде, ја злоупотребиле службената положба, фаворизирајќи фирма за изградба на Музејот на ВМРО.

Канческа Милевска, според обвинителот, му наложила на директорот на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип да ги изведат сите градежни работи и да не се чека нов тендер.

Адвокатот Сашо Дуковски во воведниот говор рече дека не постои вина кај обвинетите и, како што додаде, од обвинението не увидел дека има некаква штета.

Судијата Осман Шабани одлучи да го прифати вештачењето од „ЕОС консалтинг“, за кое адвокатите тврдат дека е необјективно.

Судењето ќе продолжи на 13 април со преслушување на пет аудио снимки кои се доказ во постапката.

Предметот „Тендери“ во кој првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска се однесува на злоупотреби со тендерот за изведување на градежните работи во Музејот на ВМРО, како дел од проектот „Скопје 2014“.

Второ и третообвинетата биле членови на Комисијата за јавни набавки.

извор: Нова Македонија