Мицкоски најави посети на терен, сакал да го чуе гласот на народот

13 март, 2018 | 14:02 часот | 780 прикажувања |

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека од денес ќе почне со посети на терен за да го чуе, како што вели, гласот на народот.

„Во изминатите 10 месеци видовме како Македонија стагнира во сите области. Нема проекти, нема нови идеи, нема работа ниту, пак, реформите што самите ги ветуваа сега ги реализираат. Ништо не се работи, ниту создава. А не се работи затоа што имаме неспособност во секое поле. Јас во периодот што следува, почнувајќи од денес, огромен дел од моето време ќе го посветам на теренските посети, во непосредна комуникација и разговори со граѓаните“, вели Мицкоски.

Ќе бидам присутен, додава тој, во секој град, во селата, населбите, улиците, во општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ да го чујам гласот на народот, да разговараме за иднината на државата затоа што Македонија заслужува и мора подобро.

„Салонската политика е едно, а вистинската слика лежи меѓу обичниот народ, помеѓу граѓаните. Македонија нема време за чекање, не смееме да дозволиме уште една генерација да загубиме. На Македонија ѝ треба нов, млад и способен кадар. ВМРО-ДПМНЕ има кадар, има програма што се подготвува од домашни и странски експерти. Потребна е нова сила за Македонија. Нова надеж за Македонија“, порача Мицкоски.