Судски рочишта за „Тендери“ и „Насилство во Општина Центар“

13 март, 2018 | 9:51 часот | 505 прикажувања |

Во Кривичниот суд денеска треба да се одржат рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство, „Тендери“ и „Насилство во Општина Центар“.

Поранешната министерка за култура Елизабета Канчевска Милевска е првообвинета во предметот „Тендери“ за злоупотреби со тендерот за изведување на градежните работи во Музејот на ВМРО, како дел од проектот „Скопје 2014“.

За денеска е закажано судење и за предметот „Насилство во општина Центар“ во кој се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица.

На минатото рочиште, судијата Душан Јосифов го одложи судењето, по забелешката на Груевски и останатите обвинети дека во целост не го разбрале обвинението, бидејќи не го добиле во пишана форма.

Судот го задолжи СЈО да им достави пречистен текст на обвинението по пошта за темелно да го разгледаат.

На претходните рочишта за овој предмет, вина за настаните пред општина Центар во јуни 2013, признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни.

Обвинетите во предметот „Насилство во Центар“ се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.