Мицкоски: Заев ја има поддршката од ВМРО-ДПМНЕ ако не потпадне под уцените за Законот за јазици

12 март, 2018 | 16:41 часот | 544 прикажувања |

ВМРО-ДПМНЕ гарантира стабилно мнозинство само да се отфрли неуставниот закон за јазици, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој го повтори партискиот став дека е видливо постоењето на политичка концесија на премиерот Зоран Заев во поглед на прашањето на законот за јазици.

„Жалам што за вакво крупно прашање не се земаат во предвид аргументите и фактите, туку практично се погазува Уставот и по секоја цена се обидува да се донесе закон кој не е уставен. Не е возможно законот да се донесе по демократски пат, а без притоа да се прекрши Деловникот на Собранието и не се изврши упад во процедурите, бидејќи ние, ВМРО-ДПМНЕ, нема да отстапиме од единствениот начин на покажување на демократски пркост а тоа се 36-те илјади веќе поднесени и прифатени амандмани“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека се вршат настојувања Законот да биде донесен без дебата и разговор со опозицијата. Рече дека се игнорираат забелешките од претседателот на државата, само за да се задоволат одредени политички апетити, и со самото тоа се врши пазарење на сметка на уставот и законите.

„Уште еднаш повторувам дека Зоран Заев ќе ја има поддршката на ВМРО-ДПМНЕ во обезбедувањето на парламентарно мнозинство, и стабилноста на владата само да не потпаѓа под уцените кои се на штета на државата, и да не го донесе неуставниот закон. Во таков случај ВМРО-ДПМНЕ стои на располагање да учествува во изработка на законско решение кое е уставно, практично и применливо“, рече Мицкоски.

Тој апелираше до претседателот на Владата Зоран Заев да покаже разум и сите заедно да се посветат на реформските закони, што ќе значат поквалитетен живот за граѓаните. Според Мицкоски доколку се прекршат процедурите за носење на ова законско решение, тоа ќе значи воспоставување на нова незаконска пракса и истата ќе биде применувана во иднина, а не ја отфрли ни можноста за нова политичка криза.